Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата засега нема голем простор за нови мерки за цените на храната и дека конечната одлука ќе зависи од податоците за инфлацијата во април, кои треба да ги објави Државниот завод за статистика.
Според Мицкоски, првичните анализи од Државниот пазарен инспекторат покажуваат дека цените на храната во април, во однос на март, се зголемени за помалку од еден процент. Тој оцени дека најголемо влијание врз априлската инфлација ќе имаат транспортните услуги, особено поскапувањето на авиобилетите кај нискобуџетните авиопревозници.
Премиерот изјави дека Владата не може да остане имуна на инфлаторните движења, бидејќи инфлацијата расте и во еврозоната. Очекува стабилизација во мај, а во следниот период инфлацијата да се спушти под четири проценти. Според неговите очекувања, доколку се стабилизира состојбата во Заливот, годината би можела да заврши со инфлација меѓу два и три проценти.
Мицкоски призна дека просторот за маневри во Буџетот е ограничен. Како можност ја спомена интервенцијата кај данокот на додадена вредност, но оцени дека замрзнувањето на цените и маржите не дало добар резултат, бидејќи ефектот потоа се прелевал во следните месеци.
Последните официјални податоци покажуваат дека инфлацијата во март 2026 година изнесувала 0,7 проценти на месечно ниво, додека на годишно ниво трошоците на животот биле повисоки за 4,9 проценти. Во март, храната и безалкохолните пијалаци поскапеле за 0,4 проценти на месечно ниво, додека транспортот имал раст од 3,4 проценти.
Премиерот уверува и дека, и покрај намаленото производство на ЕСМ, до крајот на годината нема да има корекција на цената на електричната енергија. За горивата, пак, тврди дека намаленото ДДВ и акцизите даваат резултат и дека Македонија има најевтино гориво во регионот.
Во делот на горивата, Мицкоски посочи дека се анализираат информации за компании кои наводно вршат реекспорт. Тој најави дека, доколку се докажат таквите наводи, ќе има одговорност.