Несериозно: Мицкоски во одговор на новинарско прашање го покани Радев да ја посети Македонија

Мицкоски

Премиерот Мицкоски го покани новоизбраниот премиер на Бугарија, Румен Радев, да ја посети земјата, во одговор на новинарско прашање.

На прашањето дали официјално ќе го покани Радев да ја посети земјата на средба на премиерско ниво, премиерот рече дека не гледа причина да не го стори тоа.

„Не гледам причина зошто да не го поканам. Ако може да се упати покана на овој начин, еве ме – го поканувам“, рече тој.

На прашањето дали очекува влошување на односите откако Бугарското национално собрание денес ја избра новата влада, предводена од Радев, а предложена од партијата Прогресивна Бугарија, Мицкоски нагласи дека не рекол дека очекува влошување, но дека не очекува подобрување.

„Се додека има марионети од СДСМ кои коленичат и ги продаваат македонските национални интереси, не очекувам никакво подобрување. Наместо да стојат покрај нас и да се борат за македонските национални интереси, овие марионети решија да клекнат таму за неколку центи. Инаку, што се однесува до г-динот Радев, кога победи, му честитав уште тоа утро, му се јавив со желба да имаме успешни добрососедски односи и се надевам дека со оваа влада ќе можеме да ги подобриме меѓусоседските односи и да разговараме за темите за кои треба да разговараме“, рече и премиерот Мицкоски.

Зачлени се на нашиот е-билтен