Што не очекува на Халкидики оваа година? Остануваат хроничните слабости

Халкидики

Сите хотели на Халкидики ги отворија своите врати за време на дождливиот првомајски викенд со просечна пополнетост од 75 проценти, а првите гости пристигнаа главно од балканските земји. Сепак, постои загриженост во туристичкиот сектор поради падот на резервациите од 8 до 10 проценти во споредба со минатата година, што предвидува просечната пополнетост за целата сезона да биде околу 60 до 65 проценти.

„Халкидики, како и остатокот од Грција, ги чувствува последиците од конфликтот на Блискиот Исток. За среќа, нашиот регион во голема мера се потпира на патниот туризам од балканските земји, а во последно време и од Турција“, рече Григорис Тасиос, претседател на Здружението на хотелиери на Халкидики (EXH), како што објави порталот Powergame.

Тасис истакна дека секторот се соочува со сериозни предизвици, пред сè економската криза и критичниот недостиг на работна сила. Во моментов има 1.500 слободни места во хотелите поради, како што наведува, „неприфатливите одложувања во издавањето визи за работници од странство“, кои траат подолго од 90 дена во конзуларните канцеларии.

Промена на трендовите и нови пазари

Иако годината започна амбициозно со голем број рани резервации во јануари и февруари, имаше застој во продажбата на аранжманите „сè вклучено“.

„Ја управуваме сезоната според моделот „почекај и види“, а пополнетоста во мај веројатно нема да надмине 65 проценти“, додаде Тасиос.

Халкидики сè повеќе се насочува кон нови пазари како што се Полска и Италија. Полскиот пазар доживува огромен пораст – од 6 мај започнуваат првите чартер летови, а полските туристи веќе се присутни во регионот, избирајќи претежно пакети „сè вклучено“.

Од друга страна, Италијанците доаѓаат во групи или поединечно, фокусирајќи се на религиозниот и културниот туризам, а аеродромот „Македонија“ во Солун сега е поврзан со седум италијански дестинации.

Балканот држи половина од хотелските резервации

Туристите од Балканот се сè уште најбројни гости на Халкидики, сочинувајќи до 50 проценти од вкупните хотелски резервации. Мнозинството се Бугари, Романци и Срби, но тука се и туристите од Северна Македонија, Албанија и од Косово. Минатата година имаше значителен скок и на пристигнувањата од Турција (над 5.000).

Влезот на Бугарија и Романија во Шенген зоната го олеснува патувањето, што е клучно за туризмот на Халкидики.

Исто така, отворањето на луксузниот хотел „Меравија“ во Афитос од страна на израелскиот синџир „Леонардо Хотелс“ треба да привлече поголем број гости од Израел.

Проблемите со инфраструктурата продолжуваат да го попречуваат развојот

И покрај оптимизмот, Халкидики сè уште се бори со хронични проблеми што се јавуваат секоја сезона кога бројот на луѓе на полуостровот се зголемува десеткратно. Главните проблеми остануваат недостатокот на вода, застарената мрежа за водоснабдување, несоодветните системи за третман на отпадни води и лошата патна инфраструктура во внатрешноста и на Ситонија.

За среќа, поради обилните врнежи од дожд оваа година, состојбата со водоснабдувањето во моментов е стабилна бидејќи наводнувањето на теренот сè уште не е започнато во полн ек.

Конечно, Тасиос предупреди за растот на приватното сместување, наведувајќи дека Халкидики има 49.200 кревети во хотели, додека се проценува дека во секторот за краткотраен изнајмување (како AirBnb) има околу 50.000 регистрирани и уште 15.000 нерегистрирани кревети.

Туристичките работници исто така внимателно го следат воведувањето на новиот европски систем за биометриска контрола (EES) за да видат дали тоа ќе создаде дополнителни застои на копнените гранични премини.

Зачлени се на нашиот е-билтен