Мицкоски на 9 Мај: Слободата не е подарок, туку избор, жртва и одговорност

Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, порача дека македонскиот народ бил „на вистинската страна на историјата“ и дека слободата никогаш не смее да се сфаќа како нешто дадено засекогаш.

Во говорот пред ветерани, дипломати и граѓани, Мицкоски истакна дека македонската историја е историја на отпор, жртва и борба за сопствена држава, јазик и идентитет. Тој нагласи дека во Втората светска војна македонскиот народ, заедно со припадници на сите етнички заедници, се борел против фашизмот и дека таа историска вистина не смее да биде релативизирана.

„Слободата никогаш не е подарок. Таа е избор, жртва и одговорност“, порача премиерот, додавајќи дека македонските предци биле „на страната на слободата и против фашизмот“.

Во дел од говорот, Мицкоски испрати и пораки поврзани со евроинтеграциите, оценувајќи дека Македонија останува посветена на членството во Европската Унија, но и дека земјата се соочила со „многу откажувања, препреки и неправедни спорови“ на патот кон ЕУ. Тој рече дека Европа треба да биде „вредност, а не само географија“ и предупреди дека принципите не смеат да се кршат врз грбот на помалите држави.

Премиерот повтори дека нема да прифати, како што рече, „пазар со идентитетот и достоинството“ на државата во замена за политички придобивки, нагласувајќи дека таквата позиција можеби им пречи на одредени политички фактори, но дека „честа нема цена“.

Во внатрешно-политичкиот дел од обраќањето, Мицкоски ја повика опозицијата на обединување околу државните интереси, но истовремено ја обвини за неконзистентност и, како што рече, „кодошење на сопствената земја“. Според него, потребно е единство засновано на принципи и вредности, а не на дневнополитички калкулации.

Говорејќи за приоритетите на Владата, премиерот најави фокус на четири столба – економија и животен стандард, образование, правда и младите. Тој призна дека граѓаните тешко живеат поради инфлацијата и високите трошоци, но порача дека Владата работи на економско закрепнување, повисоки плати, инвестиции и подобри услови за младите.

На крајот од говорот, Мицкоски порача дека 9 Мај е потсетник дека мирот и слободата мора постојано да се бранат „со мудрост, работа и единство“, додавајќи дека Македонија останува на страната на мирот, европските вредности и достоинството.

Зачлени се на нашиот е-билтен