Илјадници млади во Германија протестираа против враќање на воената обврска

Германија

Илјадници млади луѓе излегоа на улиците низ Германија во петокот за да протестираат против евентуалното враќање на воената обврска и воведувањето на задолжителни лекарски прегледи за воена служба.

Демострациите се одржаа под слоганот „Школски штрајк против воената обврска“, а акции беа организирани во десетици градови, вклучувајќи ги Берлин и Хамбург, објави Тагешау.

Протестите се совпаднаа со 8 мај, датум обележан во Германија како годишнина од крајот на Втората светска војна и ослободувањето од нацизмот.

Во Хамбург, полицијата процени дека околу 2.300 луѓе учествувале во протестот, додека организаторите изјавија дека имало околу 6.000.

Во Берлин, полицијата пријави околу 1.200 учесници, додека организаторите тврдеа дека имало околу 5.000.

Во главниот град, демонстрантите маршираа од Бранденбуршката порта до седиштето на Христијанско-демократската унија, извикувајќи слогани како „Образование наместо бомби“.

Демострантите се спротивставуваат на плановите што би можеле да доведат до повторно воведување на воената обврска доколку доволен број волонтери не се пријават за воена служба. Тие, исто така, ги критикуваат задолжителните медицински и административни проверки што би ги вклучиле младите луѓе родени во 2008 година.

Организаторите, првенствено студентски совети и младински иницијативи, тврдат дека сегашната безбедносна политика испраќа погрешна порака до младите луѓе, особено во контекст на одбележувањето на крајот на Втората светска војна.

Според нивните изјави, на почетокот на март, околу 50.000 млади луѓе учествувале во слични протести во приближно 150 градови низ целата земја.

Новиот закон за воена служба, кој стапи на сила на 1 јануари, воведува задолжителен прашалник и проценка на подобноста за млади мажи, додека учеството е доброволно за девојки.

Сите 18-годишници добиваат прашалник за подготвеност за служба во вооружените сили.

Според германското Министерство за одбрана, повеќе од 200.000 писма веќе се испратени до младите луѓе во првите четири месеци од годината.

Службениците известуваат дека 86 проценти од нив одговориле на време.

Доколку не се регистрираат доволно волонтери, германскиот Бундестаг може да одлучи повторно да воведе задолжителна воена служба.

Несоодветното одговарање на прашалниците може да доведе до административни казни до 250 евра.

Планот на Бундесверот е да воспостави нова структура за регрутирање преку 24 центри низ целата земја до средината на 2027 година, со цел создавање база на податоци за идните воени потреби.

Германските вооружени сили планираат да достигнат околу 260.000 активни војници и 200.000 резервисти до 2035 година, додека во моментов имаат околу 186.000 членови.

Германското Министерство за одбрана, и покрај протестите, останува убедено дека доброволниот систем ќе може да обезбеди доволен број регрути, но ја остава отворена можноста за воведување задолжителна служба доколку е потребно.

Зачлени се на нашиот е-билтен