Цунами на Алјаска високо колку 1,5 Ајфелова кула

Алјаска

Нова студија откри дека минатата година, Алјаска го доживеала второто најголемо цунами некогаш документирано. Овој џиновски бран бил дури 1,5 пати поголем од висината на Ајфеловата кула.

Достигнувајќи неверојатна висина од 481 метар, на 10 август 2025 година, ѕидот од вода се издигнал по карпите на фјордот Трејси Арм. Ова е второто највисоко цунами во историјата на мерењата – веднаш по она што го погоди заливот Литуја во Алјаска во 1958 година, кога бранот достигнал висина од 524 метри.

Локацијата каде што удри овој разорен бран е многу популарна дестинација за туристички крстосувачки бродови. За среќа, немало бродови во областа во 5:30 часот наутро кога се случил инцидентот.

Истражувачите од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL) утврдиле дека цунамито предизвикало масовно лизгање на земјиштето, што е директна последица од климатските промени.

„Фјордовите каде што се повлекуваат глечерите доживуваат нагло зголемување на туризмот“, објасни коавторот на студијата, д-р Стивен Хикс, чија работа е објавена во престижното списание Science.

„Сè повеќе луѓе ги посетуваат овие прекрасни предели во поларните и субполарните региони, но овие места се на првата линија на климатските промени и можат да бидат исклучително опасни. Овој настан ги изненади сите, бидејќи претходно областа не беше означена како високо ризична.“

Глечерот се повлече, планината се сруши

Според наодите на научниците, глечерот што ја поддржуваше планината со децении се повлече со голема брзина – дури 500 метри за само неколку недели, оставајќи ги карпестите маси без природна потпора. Кога огромна количина карпи се урна во морето, беше лансиран гигантски бран.

Д-р Ден Шугар од Универзитетот во Калгари, главен автор на студијата, ја нагласува специфичноста на овој случај:

„Обично овие гигантски „карпести лавини“ даваат предупредувачки знаци со недели или месеци однапред додека наклонот полека се движи надолу. Овој пат тоа не беше случај – карпата едноставно се сруши катастрофално без никакво предупредување.“

Итни мерки и предупредување за Медитеранот

Поради огромната популарност на овој фјорд, истражувачите бараат итна акција за да се спречат идни трагедии. Од почетокот на оваа година, најмалку шест крстосувачки линии веќе беа принудени да ги променат своите рути и да го избегнуваат фјордот Трејси Арм.

Оваа вест доаѓа во време кога научниците предупредуваат дека и Европа може да биде во опасност. Според нивните проценки, постои „100 проценти веројатност“ дека голем бран ќе се формира во Средоземното Море во следните 30 години и би можел да ја погоди Француската ривиера. Во таков сценарио, цунами би можело да стигне до брегот на Франција за само 10 минути, предизвикувајќи хаос во област која е исклучително густо населена во текот на летните месеци.

Зачлени се на нашиот е-билтен