Мајските оперски вечери почнаа со Пучини, овации и полна сцена емоции

Со свечено палење на фестивалскиот оган и премиерна изведба на две опери од Џакомо Пучини, „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“, во Националната опера и балет почна 54. издание на „Мајските оперски вечери“. Фестивалот беше отворен во свечена атмосфера, со бурни аплаузи, силна сценска емоција и настапи што публиката ги награди со долготрајни овации.

Годинашното отворање носеше посебна тежина бидејќи првпат во рамките на фестивалот беа изведени две различни оперски дела на Пучини во една вечер. „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“ донесоа два различни сценски света – едниот драматичен, интимен и исполнет со болка, другиот жив, духовит и театрален, но обединети преку препознатливата музичка сила на Пучини.

Фестивалскиот оган годинава го запали македонската оперска дива со меѓународна кариера Ана Дурловски, со што беше означен почетокот на еден од најважните културни настани во земјата. Дурловски беше дел и од изведбата, која според реакциите на публиката остави силен впечаток на сцената.

Особено внимание предизвикаа настапите на Валентина Бои од Италија, која ја толкуваше главната улога во „Сестра Анџелика“, и Роберто де Кандија како Џани Скики. Нивните интерпретации беа наградени со долготрајни овации, а впечатокот го надополнија и настапите на Бенедета Мазето од Италија, Гуо Ѕ Жао од Кина, Ана Дурловски и останатите учесници во двете опери.

Под диригентската палка на Џанлука Мартиненги од Италија, оркестарот и хорот на Националната опера и балет создадоа силна музичка основа за вечерта. Режисерскиот концепт на Пјер Франческо Маестрини донесе драмска јасност, додека сценографијата на Гилермо Нова од Шпанија и костимите на Кристина Ачети од Италија ја заокружија визуелната раскош на отворањето.

Генералниот директор на Националната опера и балет, Оливер Арсовски, на отворањето порача дека „Мајските оперски вечери“ веќе 54 години се фестивал со посебна енергија, оригиналност и значење за македонската културна сцена. Тој најави дека во текот на месецот публиката ќе има можност да ги проследи „Риголето“, „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Травијата“, „Набуко“ и балетот „Лебедово езеро“.

Фестивалот ќе трае до 31 мај. По отворањето со Пучини, следниот термин е 13 мај со Вердиевата опера „Риголето“, потоа следуваат „Тоска“ на 16 мај, „Мадам Батерфлај“ на 20 мај, балетот „Лебедово езеро“ на 22 мај, „Травијата“ на 27 мај и „Набуко“ на 31 мај, со што ќе биде затворено годинешното издание.

Зачлени се на нашиот е-билтен