Ужасни невремиња во Шпанија, спасувачи извлекуваат луѓе од покриви

Две жени загинаа во невремето „Адам“, кое викендов ја погоди Шпанија, а обилните дождови продолжија да предизвикуваат поплави и во понеделникот. Најтешко е во делови од Валенсија и Аликанте, каде што спасувачите со хеликоптери извлекуваат луѓе заробени во домовите и на покривите.

Едната жртва била однесена од надојден водотек во Кабрера де Мар, во близина на Барселона. Другата жена се удавила додека пливала на плажа во Сагунто, во регионот Валенсија, за време на невремето, објави „Ел Паис“, повикувајќи се на полициски извори.

Поплавите ги пресекоа приодите кон повеќе населени места. Во Олива и Пего се спасуваат жители од поплавени куќи, а во Елс Поблетс се излеа реката Жирона. Од камп во Хавеа биле евакуирани околу 64 лица. Властите ги повикаа граѓаните да останат дома и, каде што е потребно, да се преместат на повисоките катови.

Околу 103.000 ученици во регионот Валенсија во понеделникот останаа без настава. Поради обилните врнежи запреа и две приградски железнички линии, додека за јужното крајбрежје на Валенсија и северниот дел на Аликанте остана црвеното предупредување.

Невремето го наруши сообраќајот и на Балеарските Острови. На аеродромот на Ибица во неделата биле откажани 27 лета, а 16 биле пренасочени. Во Ибица и Мајорка е ангажирана и шпанската воена единица за вонредни состојби за помош при интервенциите.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?