Бизнис утка на Трамп: Глобалната елита не ја прифати неговата златна картичка

Трамп

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се соочува со сериозен проблем околу контроверзната „Gold Card“ виза, проект што требаше да им овозможи на богатите странци забрзан престој и пат до американско државјанство во замена за инвестиција од еден до два милиони долари.

Наместо голем интерес од светската бизнис-елита, програмата засега бележи слаб одзив, а дел од најпознатите имиграциски адвокати во САД јавно ги советуваат своите клиенти да не аплицираат.

Според американските медиуми, досега биле поднесени само неколку стотици апликации, а уште помал број кандидати ја уплатиле неповратната такса од 15.000 долари.

Адвокати специјализирани за имиграциско право предупредуваат дека програмата нема јасна законска основа бидејќи не е одобрена од Конгресот, туку е туркана преку извршни механизми на Белата куќа. Поради тоа, многумина стравуваат дека секој иден претседател би можел лесно да ја укине или да ја блокира.

Дополнителен проблем за администрацијата е што „Gold Card“ се претставува како алтернатива на постојната EB-5 инвеститорска виза, но без обврската за отворање нови работни места во САД.

Критичарите оценуваат дека се работи за модел во кој богатството станува директен билет за престој во Америка, додека класичните имиграциски процедури за образовани и квалификувани кандидати остануваат долги и комплицирани.

Програмата веќе се соочува и со тужби и барања за транспарентност од невладини организации и правни групи, кои тврдат дека јавноста нема доволно информации за тоа како функционира системот и кој навистина може да добие ваква „златна карта“.

Дел од критичарите ја нарекуваат и „имиграциска шема за милионери“, а американските медиуми оценуваат дека најавениот проект засега повеќе создава политички и правни контроверзии отколку што привлекува светски капитал.

Зачлени се на нашиот е-билтен