Ретко вредно издание: „Жените во музичката уметност низ вековите: од невидливост до глас“

жените

Објавен е дигиталниот прирачник „Жените во музичката уметност низ вековите: од невидливост до глас“, посветен на улогата и придонесот на жените во создавањето, изведувањето и развојот на класичната музика.

Прирачникот содржи над 60 одредници на композиторки, изведувачки, диригентки и други значајни личности кои оставиле трага во музичката уметност. Материјалот е организиран хронолошки, со цел читателите јасно и прегледно да го следат присуството на жените во музиката низ различни историски периоди.

Изданието произлезе од желбата класичната музика да се согледа пошироко, не само преку најпознатите имиња и наслови од историјата на музиката, туку и преку оние што со векови учествувале во нејзиното создавање, изведување и обликување, а често останувале недоволно видливи.

Покрај биографските и историските податоци, прирачникот ги зема предвид и општествените околности што влијаеле врз пристапот на жените до музичко образование, професионална практика и јавна видливост. На тој начин, тој ја поврзува музичката историја со современите прашања за застапеноста, репертоарот и начинот на кој денес ја слушаме и изведуваме музиката.

Прирачникот е наменет за ученици, студенти, наставници, музичари, истражувачи, културни работници и пошироката публика. Тој може да послужи како поддршка во процесот на учење, како ориентациски водич низ слушањето, но и како поттик за откривање помалку познати имиња, дела и интерпретации.

Дигиталното издание е достапно за бесплатно преземање на следниот линк:

https://muza.mk/wp-content/uploads/2026/05/Zenite-vo-muzikata_Final-1-1.pdf

„Жените во музичката уметност низ вековите: од невидливост до глас“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.

Зачлени се на нашиот е-билтен