Јаневска: Педофилијата во училиштата е еден од најтешките проблеми, психолозите ќе мора да имаат лиценца

Јаневска

Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави воведување лиценцирање на училишните психолози како дел од поширок пакет мерки за справување со проблемите во училиштата, меѓу кои насилството, агресијата и случаите на педофилија кај наставен кадар.

Таа изјави дека од Комората на психолози ќе биде побарано да организира дополнителни обуки, бидејќи дел од психолозите се образувале по различни наставни програми, а лиценцирањето треба да овозможи навремено препознавање и детектирање на проблемите кај учениците.

„Ќе почнеме иницијатива за лиценцирање на психолозите, чија основна улога би била да детектираат каков било проблем во училиштето и да преземат мерки“, изјави Јаневска, додавајќи дека лиценцирањето ќе се однесува на целокупната нивна работа.

Таа најави и зајакнување на приправничкиот испит за наставниците, оценувајќи дека таму се неопходни промени.

Осврнувајќи се на случаите на педофилија меѓу наставници и професори, Јаневска оцени дека станува збор за еден од најтешките проблеми во образованието. Според неа, по објавувањето на случаите во јавноста реагирале Државниот просветен инспекторат, полицијата и обвинителството.

„Се обраќам уште еднаш до наставниците, кои се колеги на оние што го вршат нелегалното дело, но се и наставници на учениците што треба да бидат заштитени од оние што прават недозволиви дејства“, рече министерката.

Во однос на безбедноста и дисциплината во училиштата, таа потсети дека до училиштата е испратен допис за дежурства на наставници во ходниците и дворовите, со цел обезбедување помирна средина. Според Јаневска, агресијата не се создава во училиштата, туку учениците ја носат однадвор, па затоа одговорноста не може да биде само на наставниците, туку и на родителите, социјалните служби и целото општество.

Министерката најави и разговори за дополнително ограничување на мобилните телефони за време на наставата во средните училишта. Дел од училиштата веќе практикуваат учениците да ги оставаат телефоните кај наставниците за време на часовите, а да ги добиваат назад за време на одморите. Таа смета дека таквиот модел дава резултати, но нагласи дека употребата на телефоните надвор од училиштата останува проблем кој зависи и од родителите.

Најчитано

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најчитано