Андоновски: Македонија мора да создава технологии, а не само да ги користи

Андоновски

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски порача дека инвестициите во технолошки паркови се инвестиции во иднината на државата, отворајќи го првиот македонски технолошки парк „N99 Deep Tech Park“.

Според него, ваквите центри треба да станат место каде ќе се поврзат технологијата, науката, стартап-заедницата, студентите и компаниите, со цел Македонија да создава сопствени иновации наместо само да увезува туѓи решенија.

Андоновски истакна дека вложувањето во вакви проекти не е само инфраструктурна инвестиција, туку вложување во идеи, талент и нова економија базирана на знаење.

„Инвестирањето во технолошките паркови е инвестиција во идеи, талент и иднина“, порача министерот на отворањето на паркот.

Тој оцени дека државата мора да создаде услови младите луѓе, инженерите, програмерите и истражувачите своите кариери да ги развиваат дома, наместо знаењето и иновациите да се одлеваат во странство.

Според Андоновски, технолошките паркови можат да станат двигател на домашната дигитална економија и простор каде стартап-компаниите ќе добијат шанса за побрз развој и глобален пробив.

Во рамки на отворањето беше посочено дека „N99 Deep Tech Park“ има амбиција да прерасне во центар за развој на напредни технологии, иновации и современи дигитални решенија, со фокус на поврзување на академската заедница и приватниот сектор.

Најчитано

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најчитано