ЦИВИЛ – Центар за слобода со поддршка од градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, организира јавен настан „Граѓански дијалози за односите меѓу заедниците: Предизвици и решенија“ во просториите на Општината, на 19 јуни ( денеска), со почеток во 12 часот.
На оваа граѓанска средба се поканети претставнички и претставници на граѓанските здруженија, медиумите, локалните институции, бизнис секторот, верските заедници, политичките партии и подмладоци и заинтересирани граѓанки и граѓани.
Настанот ќе го води Дијана Тахири од ЦИВИЛ, а на почетокот ќе говорат градоначалникот, г. Горан Герасимовски и претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
По воведните излагања, ќе биде отворена дискусија со кратки излагања до пет минути. Учесниците се поканети да говорат, како за предизвиците, така и за решенијата што ги предлагаат.
На крајот од дискусијата, ќе се направат нацрт заклучоци и препораки кои потоа ќе бидат разработени во комуникација со локалните власти и ќе бидат упатени на соодветни институции и организации.
Работата на овој собир е јавна и се очекуваа придонес од сите засегнати страни и носители на одлуки.
Настанот е дел од проектот „Заедно за подобра иднина“, кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото Војводство Луксембург.
На 29 мај, ЦИВИЛ го одржа првиот јавен настан од серијата „Граѓански дијалози за односите меѓу заедниците: Предизвици и решенија“, во Општина Гостивар.