Меѓународниот младински арт фестивал „Битола отворен град“ во организација на Младински културен центар – Битола (МКЦ-Битола) е традиционален уметнички фестивал кој 22 години ја слави алтернативната уметност и урбаната култура, стимулира културен активизам, ја инспирира публиката да биде свесна и отворена за нови прогресивни идеи и придонесува за развој на културниот туризам во Битола.
![](https://trn.mk/wp-content/uploads/2023/06/zlatko-foto-767x1024.jpg)
Според извршниот директор на МКЦ Битола, Златко Талевски, фестивалот ги обединува младите луѓе од различни локации од Европа, со различни афинитети, интереси и професионална определба да споделат свои ставови, искуства, вредности, користејќи креативни методолошки алатки за имплементирање на активности кои поттикнуваат и ги јакнат општествените вредности и го промовираат интеркултурниот дијалог. „Битола отворен град“ претставува бренд за поврзување на култури, размена на искуства, мислења и ставови и за креирање на нови партнерства и соработки.
![](https://trn.mk/wp-content/uploads/2023/06/bog2023_50x70_print-737x1024.jpg)
Програмата на фестивалот за 2023 година вклучува креативни работилници, уметнички интервенции во јавен простор, изложби на млади уметници, журки на зајдисонце со диџеи во старата битолска чаршија, концерти на млади и свежи нови сили на локалната музичка сцена од Битола во Скејт паркот.
Фестивалот оживува нови културни простори, а оваа година за прв пат ќе имаме техно хаус журка пред култната Соколана (ТДУ Партизан) во Градскиот парк во Битола со настап на DJ JOE DIEM од Барцелона, Шпанија и поддршка на нашите DJ BOC.A и DJ AVENSIS.
Големиот музички хепенинг е заштитен знак на фестивалот и ќе се одржи во сабота 24 јуни во Градскиот парк во Битола со почеток во 20.30 часот. Ќе настапат LUCENT авторски македонски doom rock бенд од Битола, ARUMBO румба-фјужн бенд од Шпанија со членови од Белгија и Каталонија со танцувачки песни и мелодии од срце и REPETITOR гаражно рок/пост-панк трио од Белград, Србија, кои се несомнено еден од најистакнатите бендови од Балканот. Одлична комбинација на бендови за потполно уживање во урбаниот звук.
![](https://trn.mk/wp-content/uploads/2023/06/repetitor-1024x1024.jpg)
Сите настани на фестивалот се на отворени и алтернативни простори, без наплаќање на влезници и достапни за сите љубители на урбаната култура.
„Битола отворен град е крик на урбаната култура. Борба за освојување на културен простор кој го посветуваме на новите млади генерации. Користењето на нови и алтернативни локации на фестивалот му дава нова свежина за пренесување на пораката за слобода и нова енергија за промоција на интеркултурната соработка. Фестивалот расте и се менува секоја година, а она што единствено останува исто е борбата за урбаната култура. Битола отворен град е платформа за храбра и независна мисла и упорен застапник за промена на културните обрасци во градот, земјата и регионот“ – изјави Златко Талевски, Извршен директор на МКЦ-Битола.
Фестивалот е во организација на МКЦ-Битола со поддршка на Министерството за култура, Општина Битола во рамките на БИТФЕСТ и спонзори и поддржувачи од бизнис секторот. Во продолжение ја пренесуваме програмата:
21 јуни 2023 – среда
09.00 – 12.00 – Уметнички интервенции во јавен простор
Омразата на битолските ѕидови – уметнички крик против говорот на омраза преку графити и цртежи
Локации: СОУ Таки Даскало – Битола, ОУ Стив Наумов – Битола, Градинка Пролет – Битола
22 јуни 2023 – четврток
19.00 – 21.00 Пешачка зона Стара битолска чаршија, на калдрма, покрај река Драгор
Golden Hour – the party starts now with DJ BERRYQYAT (Битола)
22.00 – 00.30 ТДК Партизан Соколана – Градски парк Битола
The Party Goes On! DJ BOC.A – Битола, DJ AVENSIS – Виница, DJ JОЕ DIEM – Барселона, Шпанија
![](https://trn.mk/wp-content/uploads/2023/06/vizu-2-1024x1024.jpg)
23 јуни 2023 – петок
11.00 – 15.00 Летна сцена во МКЦ – Битола
Изложба на цртежи, графики и фотографии од млади уметници
– Our NATION is imagiNATION – графити работилница
– DJ Кикец
19.30 Скејт парк Градско шеталиште Битола
Изложба на цртежи, графики и фотографии од млади уметници
21.30 – 00.00 Скејт парк Градско шеталиште Битола
Концерт на музички групи: EVEREST, TSAR VON TIME, SINFUL GLARE
24 јуни 2023– Сабота
20.30 – 00.30 МУЗИЧКИ ХЕПЕНИНГ – Градски парк Битола
LUCENT (Северна Македонија) ARUMBO (Шпанија/Белгија) REPETITOR (Србија)