СДСМ: Сиљановска-Давкова, Мицкоски и Муцунски да се извинат

СДСМ

Најголемата опозициска партија во земјава, Социјалдемократски сојуз на Македонија, побара премиерот Христијан Мицкоски, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да им се извинат на граѓаните за, како што наведуваат, „сите лаги, навреди и манипулации“ поврзани со Преспанскиот договор, НАТО и прашањата за македонскиот јазик и идентитет.

Во партиското соопштение, СДСМ оценува дека највисоките државни функционери „еден по еден ја признаваат вистината“ што, според партијата, таа ја застапувала со години.

Од СДСМ посочуваат дека Мицкоски признал оти Преспанскиот договор е „ремек-дело на дипломатијата“, Муцунски дека членството во НАТО е „феноменална работа“, а Сиљановска-Давкова дека прашањето за македонскиот јазик, култура и национален идентитет е „апсолвирано“.

Опозициската партија бара извинување од власта за, како што наведува, долгогодишното плашење на граѓаните дека ќе бидат загрозени името, јазикот и идентитетот, како и за оценките дека Преспанскиот договор бил „предавство“.

„Ние од СДСМ не бараме извинување за себе. Ние бараме извинување за граѓаните кои беа измамени, исплашени и манипулирани“, се наведува во соопштението.

Од партијата порачуваат дека „вистината излегла на виделина“ и повикуваат на „одговорност, реформи, правда и Европа сега“.

Најчитано