Која е д-р Сања Пановска – македонската научничка меѓу 100-те најзначајни во Берлин?

Пановска

Во време кога научните достигнувања од Македонија ретко успеваат да се пробијат до светската сцена, името на Сања Пановска се најде меѓу 100-те најзначајни научници во Берлин за 2025 година. Признанието, кое го објави берлинскиот весник „Тагесшпигел“, ја вброи македонската научничка меѓу највлијателните истражувачи во германската престолнина, благодарение на нејзината работа во областа на геомагнетизмот и проучувањето на магнетното поле на Земјата.

Пановска потекнува од Делчево, точкат од која започна нејзината успешна приказна далеку надвор од границите на Македонија. Нејзиниот академски пат започнал со студии по физика во Скопје, продолжил со магистерски студии по геофизика во Штип, а потоа водел кон еден од најпрестижните европски универзитети – ETH Zurich, каде што докторирала. Постдокторските истражувања ги реализирала на Универзитетот во Калифорнија, по што кариерата ја продолжила во Германија.

Од 2025, Пановска е лидер на истражувачка група во GFZ Helmholtz Centre for Geosciences во Потсдам, Берлин и раководи со европски проект од 2 милиони евра доделен од Европскиот истражувачки совет. Проектот работи на истражувања поврзани со магнетното поле на Земјата, неговите историски промени, како и феномените на геомагнетни екскурзии и преобрати. Станува збор за научна област што има директно влијание врз разбирањето на космичкото зрачење, климатските процеси, но и технологиите што зависат од навигација и комуникациски системи. Паралелно, таа раководи и со европски научен проект вреден околу два милиони евра.

Нејзината работа не е ограничена само на лаборатории и научни трудови. Пановска активно се занимава и со популаризација на науката, особено кај најмладите. Таа е наратор на документарниот филм „Магнетен мозаик“, кој добил признание од УНЕСКО во категоријата „Жени во науката“. Автор е и на детската книга „Мојата Земја“, преведена на повеќе јазици, а работи и на едукативни проекти што преку игри и загатки ги приближуваат геонауките до децата.

Нејзиниот избор меѓу 100-те најзначајни научници во Берлин претставува уште едно потсетување дека македонскиот научен потенцијал може да биде препознаен и во најсилните европски академски центри. Во време кога многу млади научници ја напуштаат земјата во потрага по подобри услови за работа, приказната на д-р Сања Пановска покажува дека знаењето стекнато во Македонија може да стане дел од светската научна елита.

Д-р Сања Пановска годинава е добитник на признание од Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ Македонска Каменица.

Најчитано