По три децении застој и нерешени имотно-правни процедури, Град Скопје најавува дека конечно ќе биде довршен булеварот „Борис Трајковски“, една од најважните сообраќајни артерии што ги поврзува Драчево, Зелениково и Студеничани со главниот град.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски при увид во градежните работи изјави дека се работи за проект што со години бил заглавен поради нерешени експропријации и административни проблеми, но сега, според него, условите за реализација конечно се создадени.
„Стојам на булеварот кој со децении беше закочен, заборавен и претворен во вистинска голгота за илјадници граѓани. Булевар по кој секое поминување значеше нервоза, гужви, прашина, небезбедност, оштетени возила и изгубено време“, изјави Ѓорѓиевски, додавајќи дека по 30 години се решени имотно-правните односи и проектот конечно влегува во фаза на реализација.
Во моментов се работи на делница од околу еден километар, каде, според градските власти, досега се пробиени околу 88 проценти од трасата. Остануваат уште неколку објекти што треба да бидат расчистени во наредните десетина дена, по што целосно ќе се отвори пристапот за изградба на булеварот.
Проектот предвидува четири коловозни ленти, пешачко-велосипедски патеки, нова атмосферска канализација и целосно реконструиран безбеден коловоз.
Ѓорѓиевски посочи дека овој потег со години важел за една од „црните точки“ во сообраќајот во Скопје, особено за граѓаните кои секојдневно патуваат од Драчево, Зелениково и Студеничани кон центарот на градот. Според него, околу 100.000 граѓани гравитираат кон овој булевар и неговото довршување ќе значи значително подобрување на безбедноста и проточноста на сообраќајот..
Вкупната инвестиција за овој дел од проектот изнесува околу два милиони евра, а рокот за завршување е до крајот на годината. Сепак, градоначалникот најави дека, доколку продолжи сегашната динамика на работа, булеварот би можел да биде готов и порано од предвиденото.
Булеварот „Борис Трајковски“ почна да се проширува уште во времето на поранешниот градоначалник Коце Трајановски, но последната фаза остана недовршена со години токму поради проблемите со експропријацијата и имотно-правните односи.
Во февруари годинава, градските власти објавија дека е постигнат договор со стопанствениците по должината на трасата за забрзување на постапката за експропријација, што овозможи проектот повторно да се активира.
