Државно земјиште на распродажба во Општина Тетово

Тетово

Општина Тетово се соочува со сериозни критики откако независни советници обвинија дека локалната власт планира да продава државно градежно земјиште по цена од само едно евро за квадратен метар, иако, според нив, реалната пазарна вредност на атрактивните парцели достигнува и до 300 евра за квадрат.

Случајот отвори сомнежи за можна огромна финансиска штета врз општинскиот буџет и јавниот интерес.

Според информациите објавени од СДК, станува збор за предлог-одлука со која Општина Тетово би дала согласност за продажба на државно земјиште по почетна цена утврдена според законскиот минимум, што предизвика жестоки реакции во Советот на Општината.

Независните советници тврдат дека се работи за исклучително атрактивни локации во градот, каде реалните пазарни цени се неспоредливо повисоки од симболичниот износ што се предлага.

Советниците предупредуваат дека со ваков потег државата и граѓаните би изгубиле милионски суми, додека приватни инвеститори би добиле огромна корист.

Според нив, формално можеби станува збор за почитување на законската минимална цена, но суштински тоа претставува продажба на вреден јавен ресурс далеку под неговата реална вредност.

Од локалната власт, пак, објаснуваат дека постапката е согласно важечките законски процедури и дека конечната цена не мора нужно да остане на почетното ниво, бидејќи земјиштето ќе се продава преку јавно наддавање.

Според општинските власти, целта е да се поттикнат инвестиции и урбан развој, а пазарот ќе ја одреди конечната вредност на парцелите.

Темата предизвика реакции и во јавноста, особено поради долгогодишните сомнежи околу урбанистичките политики, продажбата на државно земјиште и интересите на градежниот бизнис во Тетово.

Градот во последните години бележи интензивна станбена изградба и раст на цените на недвижностите, а дел од граѓаните и експертите предупредуваат дека недостасува транспарентност околу тоа како се управува со јавниот простор и државното земјиште.

Минатата година, потсетува СДК, Општина Тетово продаде атрактивно земјиште кај Монополот во Тетово по цена од 1 евро за м2 и зеде само 7.000 евра. Сега на пој простор инвеститор гради три огромни згради со неколку стотина станови.

Најчитано