„Слободен печат“: Се води истрага за можна шпионажа во Кабинетот на Сиљановска-Давкова

шпионажа

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција води предистрага за сомнежи за можна шпионажа и неовластено извлекување податоци од компјутерскиот систем во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, објави „Слободен печат“.

Според информациите на медиумот, до Обвинителството и до редакцијата била доставена анонимна кривична пријава потпишана од „група вработени во МВР“, во која се тврди дека доверливи податоци биле копирани и енкриптирани, со сомнеж дека можеле да завршат кај странски разузнавачки служби.

Во пријавата, како што наведува „Слободен печат“, под сомнение е ИТ-администратор во Кабинетот на претседателката, а се споменуваат и други функционери од Кабинетот и од Агенција за разузнавање, за кои постојат сомнежи дека можеби учествувале во прикривање докази.

Потписниците на пријавата побарале форензичко вештачење на електронските уреди, проверка на видеонадзор, ВПН-записи, електронска комуникација и евентуално компромитирани класифицирани информации и НАТО-комуникации.

Од Обвинителството потврдиле за „Слободен печат“ дека уште од декември минатата година се води предистрага по добиен „аларм“ од Секторот за компјутерски криминал при МВР. Во рамки на постапката биле издадени наредби за пребарување на компјутерски системи и екстракција на податоци од компјутери доставени од Кабинетот на претседателката.

Сепак, истрагата сè уште не е завршена, бидејќи, според Обвинителството, не бил доставен конечен извештај за декриптирање на евентуално извлечените податоци, се посочува во објавата на „Слободен печат“.

Најчитано