Фолк Фест Валандово се поклонува пред легендата Никола Бадев

Бадев

Годинава се навршуваат 50 години од смртта на Никола Бадев, едно од најзначајните имиња во историјата на македонската народна песна. По тој повод, Фолк Фест Валандово 2026 ќе оддаде почит на неговото музичко наследство.

Наградата за најдобра интерпретација на Фолк Фест Валандово го носи името на Никола Бадев. Признанието се доделува за најуспешна вокална изведба на фестивалската вечер и претставува едно од поважните признанија во рамки на фестивалот.

Во знак на одбележување на 50-годишнината од смртта на Бадев, Наградата „Никола Бадев“ за најдобра интерпретација на сцената на Фолк Фест Валандово 2026 ќе ја додели неговата ќерка, Роска Бадева.

Никола Бадев останува запаметен како еден од најпрепознатливите интерпретатори на македонската народна песна. Неговото име е поврзано со изведби кои оставиле траен белег во македонската музичка традиција, а наградата што го носи неговото име ја нагласува важноста на интерпретацијата како суштински дел од народната песна.

„Годинава навистина се вложени многу труд, енергија и љубов за Фолк Фест Валандово да добие модерно и достоинствено фестивалско издание. Верувам дека публиката ќе почувствува нова енергија, силна продукција и вистинска фестивалска атмосфера. Валандово повторно ќе живее со музиката и македонската песна.

Работевме посветено на секој детал, од сцената, светлото и тонот, па сè до организацијата зад сцената и телевизиската реализација. Нашата цел е публиката да понесе убави емоции, добри песни и чувство дека Фолк Фест повторно блеска со полн сјај. Искрено верувам дека ова издание ќе остане долго запаметено“, изјави техничкиот директор на фестивалот Ѓоко Павлов.

Фолк Фест Валандово 2026 ќе се одржи на 26 и 27 мај, под слоганот „Да ни е жива песната македонска“. Годинешното, 39-то издание на фестивалот ќе опфати две вечери.

На 26 мај, вторник, на плоштадот во Валандово ќе се одржи предфестивалска вечер отворена за публиката. Во програмата се предвидени изведби на препознатливи валандовски песни и настапи на Блага Петреска, Елена Велеска, Кате Соната, Христијан Божинов, Мишко Крстевски и Марјан Коцев. Вечерта ќе биде заокружена со мини концерт на Влатко Миладиноски.

На 27 мај, среда, во салата „Јанко Узунов“ во Валандово ќе се одржи главната фестивалска вечер, на која ќе бидат изведени 20 нови композиции. Музичкото водство е на проф. д-р Илчо Јованов. Преносот во живо ќе се емитува на МТВ 1, со почеток во 20.30 часот.

Фолк Фест Валандово 2026 продолжува како фестивал посветен на новокомпонираната македонска народна песна, со програма која ги поврзува фестивалската традиција, новите композиции и значајните имиња од македонската музичка историја.

Најчитано