Студентите, организирани преку Студенти.мк. преку отворено писмо упатија остри критики до министерката за образование и наука Весна Јаневска, обвинувајќи ја за, како што наведуваат, „уништување на студентските соништа“, деградација на високото образование и поттикнување на иселувањето на младите од државата.
Во писмото, кое е напишано во емотивен и остар тон, студентите тврдат дека институциите останале глуви на нивните барања и дека Министерството за образование и наука не одговорило на нивните претходни дописи и иницијативи за средба.
Во обраќањето до министерката, студентите ја обвинуваат дека системски ги демотивира најуспешните млади луѓе, посочувајќи дека кратењето на стипендиите за висок успех и односот кон студентските прашања претставуваат директен удар врз квалитетното образование. Тие оценуваат дека наместо поддршка за најдобрите студенти, државата испраќа порака дека „знаењето е безвредно“, а извонредноста не се вреднува.
Посебен дел од писмото се однесува на случувањата на Филозофскиот факултет на УКИМ во Скопје, каде студентите тврдат дека инспекцискиот надзор бил спроведен на штета на студентските права.
Тие бараат одговор дали инспекторите кои учествувале во постапките биле наградени со унапредувања, оценувајќи дека тоа претставува „институционално насилство врз младите“.
Во писмото се споменуваат и протестите и реакциите на студентите пред Филозофскиот факултет, каде министерката, според нивните наводи, била исвиркана од револтирани студенти поради проблемите со студентските оброци, доцнењето на стипендиите и состојбите во високото образование.
Студентите дополнително алармираат за, како што наведуваат, двојни стандарди во образовниот систем, обвинувајќи ја администрацијата за фаворизирање на одредени интереси и за нееднаков третман кон домашните студенти и кадри. Во писмото се посочува и наводна маргинализација на албанските студенти, како и проблеми со признавањето и вреднувањето на дипломите.
Во завршницата од писмото, студентите порачуваат дека сè повеќе млади ја гледаат својата иднина надвор од државата и велат дека се подготвуваат за заминување во странство, каде, според нив, нивното знаење и труд ќе бидат повеќе ценети. Тие упатуваат критики и до премиерот Христијан Мицкоски, прашувајќи дали со актуелните политики може да се очекува младите да останат или да се вратат во земјата.
