Рекордна жетва на кафе во Бразил, ќе здивнат ли купувачите?

Рекордна жетва на кафе во Бразил може да го смени ритамот на светскиот пазар во 2026 година, откако најголемиот производител и извозник на кафе очекува силен раст на производството, поголем извоз и можност за надополнување на ниските глобални залихи.

Бразилската државна агенција Conab проценува дека производството годинава може да достигне 66,2 милиони вреќи кафе, што би било раст од 17,1 процент во однос на претходната сезона и нов рекорд во историската серија. Причините се поволниот двегодишен циклус кај арабиката, подобрите временски услови, поголемата површина во производство и подобрената продуктивност.

Најголемиот скок се очекува кај арабика кафето, каде Conab прогнозира 44,1 милиони вреќи, односно раст од 23,3 проценти. Кај конилон/робуста се очекуваат 22,1 милиони вреќи, што исто така може да донесе нов рекорд за оваа сорта во Бразил.

Но рекордната жетва не значи автоматски евтино кафе на полиците. Глобалните залихи се на ниско ниво, потрошувачката расте, а трговците внимателно го следат Ел Нињо, кој може да влијае врз следниот циклус, особено врз цветањето на кафето во септември и октомври.

Пазарните проценки се уште пооптимистички од официјалните. Истражување на Coffee Trading Academy, спроведено меѓу 758 производители, прогнозира жетва од 71,4 милиони вреќи, исто така рекордно ниво, со силен раст и кај арабиката и кај робустата.

Бразил може да извезе околу 50 милиони вреќи зелено кафе во новата сезона, што би било над рекордот од 2024 година. Тоа може да донесе поголема понуда на светскиот пазар, но цената на утринското кафе и понатаму ќе зависи од времето, залихите, побарувачката и од тоа колку брзо новата жетва ќе стигне до купувачите.

Најчитано