Вучиќ се додворува: Трамп е миротворец

Вучиќ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објави авторски текст на американскиот медиум Fox News, во кој отворено ја изразува својата поддршка за американскиот претседател Доналд Трамп и оценува дека во Србија постои искрено воодушевување од неговото лидерство.

Во текстот, Вучиќ наведува дека за време на своите патувања низ Србија забележал нешто што, според него, речиси исчезнало во Европа – позитивен однос кон Америка и кон Трамп. Тој истакнува дека Србија, и покрај историското недоверие кон САД и болните сеќавања од НАТО-бомбардирањето во 1999 година, денес е можеби единствениот дел од Европа каде симпатиите кон Америка се во пораст.

Српскиот претседател оценува дека во голем дел од европскиот политички естаблишмент владее негативен однос кон политиката „Америка на прво место“, додека Србија, како што вели, има поинаков пристап. Според него, повиците за „стратешка автономија“ на Европа се обид континентот да се дистанцира од Вашингтон.

Вучиќ наведува дека својот став за Трамп го формирал за време на неговиот прв претседателски мандат, истакнувајќи дека во разговорите во Белата куќа добил чувство дека српските позиции биле сослушани без предрасуди и со почит. Тој додава дека сликата за Трамп како агресивен политичар не се совпаѓа со неговото лично искуство.

„За граѓаните на Србија, Трамп претставува нешто без преседан – миротворец“, наведува Вучиќ, додавајќи дека поранешниот американски претседател успеал да ги ублажи старите сомнежи кон Америка и да создаде поинаква перцепција кај српската јавност.

Во авторскиот текст, српскиот претседател се осврнува и на неодамнешниот обид за атентат врз Трамп, оценувајќи дека тој силно одекнал во Србија. Според Вучиќ, српските граѓани покажале искрена солидарност кон американскиот политичар.

Истовремено, Вучиќ нагласува дека Србија останува посветена на членството во Европската Унија, но смета дека тоа не треба да значи дистанцирање од САД. Напротив, според него, односите меѓу Белград и Вашингтон можат да бидат важен фактор за стабилноста во Европа.

Во текстот тој посочува и дека Србија денес има една од најдинамичните економии во Европа и станува значајна дестинација за долгорочни инвестиции, индустриски развој, енергетика и технолошки иновации.

Вучиќ оценува дека Србија и американскиот народ делат слични вредности, особено кога станува збор за заштита на националните интереси, работниците и културното наследство. Тој порачува дека Србија ја разбира визијата на Трамп и ја почитува американската сила, за разлика од дел од европските политички елити.

Во завршницата, српскиот претседател наведува дека доколку Трамп го посети Белград, би бил пречекан со „море од американски и српски знамиња“, додавајќи дека иднината на американско-европската соработка може да се обликува токму на Балканот.

Најчитано