Костадиновска-Стојчевска: Опозицијата да не го замајува народот, сите кажаа дека нема промена на преговарачката рамка

Бисера Костадиновска-Стојчевска

Треба да се донесе одлука што е многу поголема од било какви лични интереси – зборуваме за државнички одлуки, храбри одлуки, вели министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска во гостувањето во вестите на Канал 5 телевизија. Според неа тоа е одлука којашто ќе значи премногу за иднината на нашата држава.

– Јас се надевам дека ќе надвладее разумот и перспективата на оваа држава кај секој од пратениците и дека ќе препознаат дека токму со ваквите уставни измени сѐ она што го кажувавме во изминатиот период, дека нашите позиции се стабилни, дека нашиот јазик, култура, идентитет се и тоа како зацврстени, што го потврдуваат и многубројните резолуции кои што доаѓаат по однос на тоа прашање, додаде министерката.

Таа истакна предлозите на опозицијата се нешто што постојано се демантираат.

– Она што го кажа и Сарацин е дека преговарачката рамка не може да се репреговара, а тоа е она што лидерот на опозицијата го тврди. Што значи дека единствениот начин утврден со преговарачката рамка е овој… Сѐ она што тие го пласираат во јавност е една многу голема лага, голема невистина и не е во ред да го замајуваат народот дека тие било што ќе направат поинаку кога би дошле на власт. Еве имаат можност, им се понудени пет министерски места, премиерот Ковачевски го понуди и премиерското столче, само и само за да можеме да го продолжиме патот по кој што сме тргнале, кажа Костадиновска Стојчевска.

Иницијативата со предлог уставните измени е во Влада и во овој момент се проценува кога е најдобро време таа да се прати во Собранието, односно да се најде пред пратениците, информира министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска во гостувањето во вестите на Канал 5 телевизија.

– Според изјавата која што е даде Мицкоски после лидерската сдредба се чини дека и тие се на ист став дека мора да го продолжиме патот кон ЕУ, што значи дека и тие искажаа еден вид позитивни промени во однос на тоа како да се случат уставните измени. Се разбира дека доколку тие го потврдат предлогот на премиерот Ковачевски, треба да формираат една група на највисоко политичко ниво која што понатаму ќе ги продолжи разговорите по предлогот кој што беше даден од страна на премиерот. Што значи дека сите услови кои што тие ги побараа останува да ги прифатат и да продолжиме понатаму. Доколку тоа не се случи предлог иницијативата сепак ќе оди во Собранието, каде што пратениците ќе имаат шанса да се изјаснат дали се за или против, истакна министерката.

Зачлени се на нашиот е-билтен