Координативниот штаб за третман на воени заробеници и другите релевантни тела на Украина продолжуваат да преземаат активни мерки за враќање дома на веројатно единаесет украински воени затвореници, кои Унгарија, без знаење на украинската влада или меѓународните организации за човекови права, ги изнесе од Русија, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Украина, Олег Николенко.
Сите обиди на украинските дипломати во текот на последните денови да воспостават директен контакт со украинските граѓани беа неуспешни. Ова, како и информациите добиени од роднините на некои од нив, покажуваат дека не се точни уверувањата на унгарските власти за наводниот слободен статус на украинските бранители во Унгарија, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на украинската Влада.
Николенко нагласи дека „тие се држат во изолација, немаат пристап до отворени извори на информации, нивната комуникација со роднините се одвива во присуство на трети лица, им се одбива да воспостават контакт со Амбасадата на Украина. Обидите на украинската страна да воспостави конструктивен дијалог со унгарските власти преку официјални дипломатски канали, за жал, се игнорираат“.
Според него, „ваквите акции на Будимпешта ги доведуваат во прашање декларираните од нивна страна хуманитарни мотиви за враќање на Украинците во Унгарија. Покрај тоа, тие можат да се оквалификуваат како прекршување на одредбите на Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи“.
МНР на Украина повторно се обрати до унгарската страна со барање веднаш да му се дозволи на украинскиот конзул да ги посети украинските воени заробеници, за да може да ја процени нивната физичка и психолошка состојба, да им каже за нивните права, а исто така да им обезбеди итна конзуларна помош.
Во Украина го чекаат враќањето на нашите бранители и се подготвени да им пружат максимална помош за повторна средба со нивните роднини и обезбедување на потребната рехабилитација, се додава во соопштението.