Соединетите Американски Држави разгледуваат две централни прашања во преговорите со Иран – механизмот за одмрзнување на иранските средства и обемот на прекинот на огнот во Либан, објави денес Ал Џезира, повикувајќи се на неименуван ирански извор.
Според изворите, иако нацрт-договорот вклучува рамка за прекин на огнот во Либан, Израел наводно врши притисок врз Вашингтон да вклучи клаузула според која Израел може да продолжи да спроведува воени операции во Либан, под изговор дека одговара на „секоја закана“.
Изворот наведува дека Техеран ги информирал медијаторите дека нема да потпише таков договор, додавајќи дека Иран има впечаток дека Вашингтон ги напушта претходните меѓусебни договори.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД се стреми кон „добар и соодветен договор“ со Иран.
Тој оцени дека преговорите со Иран за нуклеарната програма се одвиваат „уредно и конструктивно“ и рече дека нема да има брзање за постигнување договор, додавајќи дека времето е на страната на Вашингтон.
„Преговорите се одвиваат на уреден и конструктивен начин и им наложив на моите претставници да не брзаат, бидејќи времето е на наша страна“, рече Трамп.
Цитирајќи висок функционер од администрацијата на Трамп, NBC денес објави дека договорот меѓу САД и Иран нема да биде постигнат денес.
