Доаѓа ритамот на Африка: ОФФест Скопје

ОФФест

Само една недела до јубилејното издание на 25. ОФФест резервирано во првата недела од јуни. Богата програма со учесници од 12 земји со посебен акцент на Африканкиот континент. 

Следејќи ја убавата традиција, во прудружната програма на ОФФест ќе биде прикажан и култниот бразилски документарниот филм „ELIS & TOM“.

Првите три фестивалски вечери ќе се одржат во Националната Опера и Балет а последната во Младинскиот Културен Центар.

Следува преглед на програмата:

GUITARI BARO

3 Јуни • Национална опера и балет, 20:00

LASSANA DIABATÉ балафон, GAOUSSOU KOUYATÉ гитара, MAMADOU KOUSSOUBE гитара

Guitari Baro (во превод „Гитарски разговори“) е инструментално трио што плени со својата виртуозност и енергија. Овој уникатен ансамбл обединува тројца врвни гриот музичари од Гвинеја и Мали: маестралните гитаристи Гаусоу Кујате и Керфала Диабате, заедно со виртуозот на балафон Ласана Диабате — поранешен член на Symmetric Orchestra на Тумани Диабате, член на Afrocubism и лидер на легендарната група Trio Da Kali.

Нивниот проект е возбудливо музичко патување — жив, пулсирачки дијалог вкоренет во богатото манде-гриот наследство. Со неверојатна леснотија, тие ги спојуваат хипнотичките традиционални стилови со влијанија од џез, конгоанска румба, гвинејски танцови ритми и кубанска музика, создавајќи звук што е смело футуристички. Тројцата музичари за првпат се сретнале во ноември 2024 година во живописната населба Мамел во Дакар— момент што прераснал во силно уметничко пријателство и резултирал со нивниот импресивен деби-албум „Guitari Baro“.

Овој албум е вистинско откритие — интимен, моќен и полн со емоција. Guitari Baro веќе се издвојува како еден од највозбудливите и најиновативни музички проекти на денешницата, а OFFest со гордост го претставува пред публиката. Со само три инструменти — две гитари и еден балафон — тие создаваат цел универзум од звуци, раскажувајќи илјадници приказни и продолжувајќи ја вековната традиција на западноафриканските гриоти — поети, музичари и чувари на историјата.

NILS ØKLAND & SIGBJØRN APELAND

4 Јуни • Национална опера и балет, 20:00

  • NILS ØKLAND хардангер фидл, виолина, виола
  • SIGBJØRN APELAND хармониум, пијано

Маестралниот хардaнгер виолинист Нилс Окланд изгледа подеднакво удобно и како солист, и во дует, или со својата избрана група соработници, Nils Økland Band. Без оглед на музичкиот контекст што го избира, Нилс делува природно и инспиративно за сите околу него.

Неговата способност да создава заразни мелодии создава звук што зрачи со мистерија и веднаш препознатлива емоционална длабочина. Музиката слободно се движи помеѓу локалната традиционална народна музика, современата музика, џезот и слободната импровизација. Во осумдесеттите и деведесеттите години, тој бил студент, а подоцна и музички раководител на Ole Bull Akademiet, сместена во Вос, и токму тој период го обликувал неговиот музички пат.

На ОФФест ќе настапи во интимен соло и дуо формат со органистот Сигбјорн Апеланд. Окланд има објавено четири албуми за издавачката куќа ECM, како и неколку албуми за Hubro, но неговата дискографија започнува со два албуми за Rune Grammofon и неговото деби „Blå harding“, издадено за неговата сопствена издавачка куќа Morild. Музиката на Нилс речиси доаѓа со гаранција за едноставни, невини времиња, без да биде носталгична. Еден вид чиста музика, наизглед не под влијание на светските трендови, а сепак јасно обликувана од неговото опкружување во Вос.

RAÜL REFREE & MARIA MAZZOTTA

5 Јуни • Национална опера и балет, 20:00

  • RAÜL REFREE гитара, вокал, органа
  • MARIA MAZZOTTA вокал, дајре

Раул Рефри е познат по својата способност да ги надмине традиционалните жанровски граници и како еден од најиновативните продуценти во Европа во последната деценија. Неговата музика, храбро поттикната од неговото огромно познавање на музичките традиции, го постави во центарот на некои навистина значајни соработки, кои вклучуваат музичари со силна индивидуалност како Розалија, Силвија Перез Круз, Лина, Росио Маркез, Нињо де Елче, Родриго Куевас и многу други.

Овие соработки резултираа со критички признати албуми кои ги поместуваат уметничките граници. Марија Мазота е еден од најважните гласови на музичката сцена во регионот Апулија во Италија. Длабокиот и бескомпромисен начин на кој настапува е и редок и драгоцен, правејќи ја Марија Мазота една од најблескавите пејачки на глобалната светска музичка сцена.

Овој проект се случи постепено, поттикнат од предлози на значајни фестивали и без притисок на обврска за снимање. Нивната соработка вроди со плод во албумот „San Paolo di Galatina“, каде Раул Рефри и Марија Мазота го ре-интерпретираат апулијскиот фолклор, прикажувајќи ја Италија од почетокот на 20 век (религиозни мантри, работнички песни, приспивни песни), со цел да се излезе од темнината и општествената задушеност и да се достигне физичка слобода и чувство на заедништво толку посакувано во нашето време.

MATCHUME ZANGO – Native Practices of Mozambique

6 Јуни • МКЦ Денсинг сала, 22:00

  • MATCHUME ZANGO тимбила, перкусии

Мачуме Занго е реномиран мозамбиски музичар, композитор и изработувач на инструменти, препознаен како нов мајстор на тимбила (традиционален дрвен ксилофон). Тој се посветил на традиционалната мозамбиска музика и танц уште од шестгодишна возраст.

Занго потекнува од Завала, во провинцијата Инхамбане, центарот на традицијата на тимбила, и има одржувано предавања на Универзитетот во Кејп Таун. Инспириран од оваа долга и страсна музичка и перкусионистичка траекторија, тој започнал да свири, да студира музика и да изработува инструменти како тимбила, мбира, читенде и џембе тапани. Тој е дел од познатата група Timbila Mozimba и има објавено соло изданија како „Wata M’cande“ и „Tatei Watu“.

Во изминатите дваесет години, Мачуме има настапувано ширум светот како изведувач и композитор на традиционална, експериментална и фјужн музика, активно учествувајќи на работилници и снимања, вклучително и соработки со уметници како Кејт Грифин. „The Native Practices of Mozambique“ е аудиовизуелен концерт на Матчуме Занго, во форма на обновена верзија на песните, танците и ритуалите на Банту народите од Мозамбик. Проектот се реализираше во 2023 година и вклучува аудиовизуелни материјали од културните традиции на три етнички групи во Мозамбик: Макуа, Нијау и Чопе.

BCUC

3 Јуни • Национална опера и балет, 22:00

  • JOVI главен вокал
  • KGOMOTSO придружен вокал
  • HLONI придружен вокал
  • LUJA бас тапан, придружен вокал
  • CHEEX конги
  • SKHUMBUZOU бас тапан
  • MOSEBETSI бас гитара

Домородна група која потекнува од Совето во Јужна Африка, BCUC (Bantu Continua Uhuru Consciousness) ги пренесе своите високоенергетски ритми низ целиот свет. Нивната уникатна мешавина од психоделични грувови, комбинирани со хип-хоп и панк-рок енергија, им донесе обожаватели од сите краишта на светот.

Настапувале на сите престижни фестивали како Glastonbury, Roskilde, Sines, Womad, Sziget итн. Во 2023 година, BCUC беa одликувани со престижната награда WOMEX Artist Award, признание кое обично е резервирано за поетаблирани артисти, резултат на нивната бестрашна работа и трансцедентни настапи во живо.

Тие се враќаат на јубилејниот OFFest по две години, како еден од најдобрите состави во целата историја на фестивалот, овојпат промовирајќи го својот нов, петти студиски албум „The Road is Never Easy“. По 23 години постоење, тие продолжуваат да настапуваат со истиот бунтовнички, активистички дух со кој започнале.

Преку живописен, хедонистички транс-звук, ги претставуваат богатите традиции, вера и ритуали на нивната татковина. Нивното мото „музика за луѓето, од луѓето, со луѓето“ се пренесува и на публиката на нивните настапи, при што многумина се вовлечени во ритуалистичкиот звук на нивните повторувачки бас линии и тапани.

DOBRILA & DORIAN

4 Јуни • Национална опера и балет, 22:00

  • DOBRILA GRAŠESKA вокал
  • DORIAN JOVANOVIĆ ут, лупер

Дуетите нудат заедничка основа за совршен разговор. Во случајот на Добрила и Доријан, таа заедничка основа е навистина широка. Сите ги познаваме преку Чалгија Саунд Систем како чувари на традицијата. Но, нивниот дует направи и нешто повеќе.

Според нивните зборови, нивниот прв албум „Апокриф“ изврши „тивка офанзива“ преку спојување на глас, уд, лупови и импровизација. Нивното деби претставува фузија помеѓу познатото и непознатото, прифатеното и необичното, тишината и звуците од околината, како и желбата за откривање и препознавање. Можеби токму затоа и регионалните и меѓународните музички критичари го прогласија албумот за ремек-дело во жанрот на глобалната музика.

Повеќето состави не успеваат да импресионираат со вториот обид, но со притисокот дојде и издигнување над сигурната формула, па така се испили “Пиле Шарено”. Овојпат со електронски модификатори применети не само на удот, туку и на гласот. И покрај шарениот наслов, следниот албум беше поглед навнатре, привлекувајќи уште повеќе пофалби од критичарите. Признанијата доведоа до бројни настапи низ Европа, дополнително зацврстувајќи ја интимната врска на дуото и за возврат барајќи уште музика. Наведува да се запрашаме што се крие позади третата врата. Можеби нешто лирско, бавно, со добра приказна. Овој концерт на ОФФест е ексклузивна промоција на новиот, трет албум на Добрила и Дорјан.

LES AMAZONES D’AFRIQUE

5 Јуни • Национална опера и балет, 22:00

  • MAMANI KEITA вокал
  • FAFA RUFFINO вокал
  • ALVIE BITEMO вокал
  • XAVIER PERNET тапани
  • MANUEL CHAVANET клавијатури

Les Amazones d’Afrique е креативна сила што ги обединува меѓународните гласови. Групата е формирана во Бамако, Мали, во 2014 година од три познати малиски музички ѕвезди и активистки за општествени промени: Мамани Кеита, Оуму Сангаре и Мириам Думбиа (од Amadou and Mariam).

Овој женски колектив се соедини преку заедничка музичка визија, но и со јасна цел: да се залага за родова еднаквост и да го насочи вниманието кон сериозниот проблем на насилството врз жените. Името го добиле од Амазонките од Дахомеј, женските воини кои 200 години го штителе кралството Дахомеј (денешен Бенин).

Колективот подоцна се проширил и вклучил многу женски уметници од Африка и дијаспората, вклучувајќи ги Анжелик Киджо, Нека и Рокиа Коне. Иако нивната цел — промовирање родова еднаквост и искоренување на традиционалното насилство – сама по себе е доволно значајна, нивниот музички израз е подеднакво моќен.

Богат со мелодии и стилски разновиден, тој спојува пан- африкански звуци и колективни хармонии со суров, современ поп. Користејќи ја музиката како форма на кампања за родова еднаквост, Les Amazones d’Afrique настапувале на бројни големи фестивали и сцени низ светот. Со три албуми зад себе, нивната силна енергија и препознатливото присуство, се вбројуваат меѓу најважните гласови на современиот западноафрикански феминизам.

ZAWOSE QUEENS

6 Јуни • МКЦ Денсинг сала, 23:00

  • PENDO ZAWOSE вокал, перкусии
  • LEAH ZAWOSE вокал, перкусии
  • BEN BROWN тапани, придружен вокал
  • TAL JANES гитара, бас, придружен вокал

Zawose Queens ја продолжуваат долгата традиција на флуидни полиритми и занесно полифоно пеење на народот Гого (познат и како Вагого) од регионот Додома во централна Танзанија. Потекнувајќи од музичко семејство како потомци на големиот Хукве Завосе, тие биле опкружени со музика целиот свој живот.

Иако кај народот Вагого жените традиционално смееле да пеат само придружни хармонии и да свират на мал тапан наречен мухеме, тие одлучиле да ги преиспитаат и на крај да ги предизвикаат тие табуа. Во 2019 година, британските продуценти Оли Бартон Вуд и Том Ексел ја посетија Танзанија, каде што се поврзаа со две жени од семејството Завосе, Леа и Пендо, што доведе до објавување на нивниот деби албум „Maisha“ во 2024 година.

Впечатливиот албум на дуото најавува нова ера. „Maisha“ ги претставува Zawose Queens на моќен, инвентивен и ослободено танцувачки начин. Со спој на органски хармонии и електронски елементи, во нивната танцово инспирирана фузија тие се поврзуваат со природата, церемонијата и ритуалот. Во последните неколку години настапувале на фестивали како Glastonbury, Womad, Sauti Za Busara, Womex и други. Оваа година, тие ќе ги донесат своите источноафрикански корени со суптилни електронски елементи – со битови и дропови – на завршната вечер на OFFest.

Најчитано