Скопските легенди „Бристол“ и „Јадран“ одат на продажба

„Бристол“ и „Јадран“, две стари скопски адреси што одамна не функционираат како хотели, одат на продажба откако Собранието на акционери на „Македонијатурист“ на 22 мај ја одобрило продажбата на овој недвижен имот во центарот на Скопје, заедно со станови на улицата „Максим Горки“ и деловниот простор „Пивница“.

Според известувањето, претседателот на Управниот одбор е овластен да ги потпише купопродажните договори, а продажната цена треба да биде утврдена од овластен проценител. Тоа значи дека процесот влегува во следна фаза, по претходната најава дека акционерите ќе одлучуваат за отуѓување на дел од имотот на компанијата.

Но ова не е обична продажба на хотели. „Бристол“ е еден од најстарите сочувани хотелски објекти во Скопје, поврзан со старата градска меморија и со периодот кога хотелските тераси, кафеаните и центарот на градот ја граделе урбаната култура на Скопје. Објектот бил пуштен во употреба во 1924 година, а со затворени врати ја дочека својата стогодишнина.

„Јадран“, познат и како Арапска куќа, е уште поспецифична приказна. Објектот е изграден меѓу 1936 и 1938 година, во арапско-маварски стил, и со децении бил препознатлив белег на просторот кај скверот „Јадран“. Во јавните објави за неговата историја се наведува дека објектот е под генерална заштита и дека се водела процедура за добивање статус на споменик на културата.

Продажбата на овие објекти ја отвора старата скопска дилема: што се случува кога имот со комерцијална вредност истовремено носи и градска меморија. За „Македонијатурист“ станува збор за дел од недвижниот имот што веќе не работи со години. За Скопје, пак, „Бристол“ и „Јадран“ се повеќе од затворени хотелски врати, тие се дел од сликата на градот што полека исчезнува од секојдневието.

Во претходните објави се наведуваше и дека „Македонијатурист“ планира купување градежна парцела во Ново Лисиче вредна 17,7 милиони евра, со што продажбата на старите центарски објекти добива поширок бизнис-контекст. Компанијата, според достапните информации, продолжува да поседува и активни хотели, но „Бристол“ и „Јадран“ сега влегуваат во друга фаза, во која нивната иднина ќе зависи од нов сопственик, процена и од ограничувањата што ги носи нивната урбана и архитектонска тежина.

Најчитано