По повод 28 Мај – Меѓународниот ден за менструално здравје, здружението Новинари за човекови права (JHR) го промовира „Menstrual First Aid Kit“ – иницијатива насочена кон подобрување на пристапот до менструална хигиена, намалување на менструалната сиромаштија и отворање јавна дебата за достоинствено менструално здравје.
Активноста е дел од долгогодишните заложби на Новинари за човекови права за менструална правда, здравје и родова еднаквост.
Во рамки на кампањата, JHR веќе петти пат спроведува истражување за менструална хигиена и пристап до менструални производи, кое го реализира на секои две години со цел да се следат состојбите, потребите и институционалните предизвици со кои се соочуваат жените и девојките во Северна Македонија.
Последното истражување опфати 2700 испитанички и покажа дека:
- 55.6% од жените пропуштиле училиште или работа поради менструација и несоодветни услови;
- 55.6% сметаат дека санитарните услови не се соодветни за безбедно и достоинствено менструално здравје;
- 11.1% немаат редовен пристап до менструални производи;
- 77.8% никогаш не слушнале за Menstrual First Aid Kit, но повеќе од 90% покажуваат подготвеност да го користат доколку биде достапен.
Од Новинари за човекови права велат дека истражувањето потврдува дека менструалното здравје не е само индивидуално прашање, туку прашање на јавно здравје, социјална правда и институционална одговорност.
„Menstrual First Aid Kit“ содржи основни производи за менструална хигиена и информативни материјали, а неговата цел е да обезбеди итна и достоинствена поддршка за девојчиња и жени во училишта, факултети, работни средини и ранливи заедници.
Со оваа иницијатива Новинари за човекови права повикува на донесување на системски решенија: бесплатни менструални производи, подобри санитарни услови, континуирана едукација и институционална поддршка за менструалното здравје.
