Мицкоски на еден ден од уште едно неисполнето ветување, обвини СДСМ

СДСМ

Неисполнето ветување за Реформската агенда му брои СДСМ на премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи дека останува уште само еден ден до 1 јуни, рокот до кој, според партијата, тој ветил дека целосно ќе ги исполни сите точки и обврските за продолжување на европскиот пат на државата.

Од СДСМ тврдат дека наместо реформи, документи и конкретни чекори, јавноста гледа уште едно одложување и уште едно ветување без реализација. Во соопштението се наведува дека нема реформи, нема документи за екстрадиција на Никола Груевски и негово враќање во затвор, а во фокусот на критиките се става и односот на власта кон стратешките партнери.

СДСМ го обвинува Мицкоски дека ги излажал граѓаните за повеќе крупни политички прашања, меѓу кои ги посочува враќањето на името, поништувањето на Преспанскиот договор и тврдењата за загрозување на македонскиот јазик, идентитет и култура.

Според СДСМ, по две години власт, од десетте точки од Реформската агенда биле реализирани само две, и тоа нецелосно. Како клучна незавршена обврска го посочуваат внесувањето на малцинствата во Уставот, чекор што, според партијата, е неопходен за продолжување на европските преговори.

СДСМ предупредува дека без ова нема отворање на следните поглавја, нема пристап до нови европски фондови, ниту забрзан економски развој. Партијата бара Мицкоски да ги внесе малцинствата во Уставот или јавно да признае дека не сака членство во Европската Унија.

Најчитано