ВМРО-ДПМНЕ со нови обвинувања кон синдикалното раководство, овојпат насочени кон претседателот на УПОЗ, Трпе Дејаноски, кого партијата го обвини за трошење синдикални пари за спортски игри во Црна Гора.
Пратеникот Бране Петрушевски на прес-конференција тврдеше дека Дејаноски организирал четиридневни спортски синдикални игри во Чањ, за кои, според него, биле потрошени околу 60.000 евра од синдикални членарини. Тој праша дали на настанот предност имале членови блиски до СДСМ и обвини дека синдикалното раководство се оддалечило од реалните потреби на работниците.
Од УПОЗ ги отфрлија ваквите тврдења како тенденциозни. Дејаноски одговори дека станува збор за 31-ви синдикални спортски игри, организирани од Синдикатот на УПОЗ, и дека учесниците сами ги плаќале трошоците. Според него, настанот не бил ниту таен, ниту луксузен, туку редовна синдикална активност на работниците.
Првиот човек на УПОЗ оцени дека нападите доаѓаат во период кога синдикатите се погласно бараат повисоки плати, подобри услови за работа и заштита на работничките права. Тој порача дека УПОЗ ќе продолжи со синдикалната борба, без оглед на политичките квалификации што доаѓаат од власта.
Ова не е прв судир меѓу ВМРО-ДПМНЕ и синдикалните лидери. Во изминатиот период, партиски претставници повеќепати упатуваа критики кон раководствата на ССМ и УПОЗ, особено по објавувањето на синдикалната минимална кошница и барањата за раст на платите во јавниот сектор.
Синдикалната кошница за мај, според пресметките на ССМ, изнесува 68.743 денари, а во јавноста паралелно се води дебата и за владината потрошувачка кошница. Во тој контекст, новиот судир меѓу власта и синдикатите се отвора во чувствителен момент за работничките права, платите и трошоците за живот.
