Костадиновска-Стојчевска: Џез оркестарот доби нова трајна адреса и простор – под Националната опера и балет

– Новоформираната Национална установа Џез оркестар, со одлука на Владата, ќе има нова, трајна адреса – во зграда бр.1, влез 1, на бул.„Гоце Делчев“ бр.4, на Катастарска парцела бр. 9505/1, Катастарска општина Центар 1, со Имотен лист бр. 40986, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на прес конференцијата во Владата.

Министерката Костадиновска-Стојчевска појасни дека станува збор за дел од вкупниот простор од 1448 м2 под Националната Опера и балет, од 475 м2, за чие соодветно реновирање веќе има проект и обезбедени средства.

На прес конференцијата министерката информираше дека откако беше заокружен целиот процес, кој заради почитување на законските процедури и рокови неминовно траеше неколку недели, Владата, на денешната седница, донесе одлука овој простор да ѝ припадне на Националната установа Џез оркестар и на тој начин најдобро да го искористи и да го сочува државниот имот.

Костадиновска-Стојчевска нагласи дека се работи за државен имот, беше потребно време за комплетирање на документацијата, запазување на сите законски постапки и изготвување на проект за реконструкција и адаптација на просторот, а сето тоа одеше етапно и се разгледуваше на неколку владини седници.

– Јас моето ветување кон јавноста, а пред сè кон вработените во Филхармонија, го исполнив и со оглед на обемноста на документацијата и запазувањето на сите неопходни процедури, ова ветување го одржав во реално најкус можен временски период. Ветив и ветувањето го исполнив. Му благодарам на оној кој и покрај, во најмала рака неетичкото однесување, ја објави електронската преписка која ја имав со дел од раководниот тим на Филхармонија, и ја направи видлива пораката во која напишав: „ќе биде како што сме се договориле“. И еве, како што гледате, јас зборот го одржав, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура рече дека „чесен епилог на сево ова е – извинувања кон јавноста и публиката од директорката и управниот одбор кои свесно манипулираа со врвни музичари, но и со авторитети од светот на културата, убедувајќи ги дека јас и оваа Влада сакаме да ја земеме зградата на Филхармонија и воедно свесно ги изложија на критики од јавноста како нетрпеливи и безобзирни домаќини“.

Невистините, манипулациите и заканите, нагласи Костадиновска-Стојчевска, продолжија и откако на владина седница ја беше дополнета одлуката дека Џез оркестарот времено, до своето законско оформување, ќе биде во дел од просториите на Филхармонија.

– Поединци, користејќи се со полувистини, на сите манипулации ја дотурија и таа дека „заради нивното спротивставување и борба за зградата на Филхармонија“ јас сум им испратила инспекција. Вистината е далеку од тоа. Се работи за редовна комуникација на службите од Министерството за култура со Националните институции, и тие не се инспектори, рече министерката на прес конференцијата.

Костадиновска-Стојчевска посочи и дека не е точно дека посебната сметка на Филхармонија е блокирана, како што објавија од таму, туку дека заради подобра евиденција и искористеност на секој денар во културата, од пред неколку месеци од сите Национални установи е побарано да достават прецизен план каде ќе бидат искористени тие средства.

– Верувам дека вработените во Филхармонија ќе си останат на зборот дека нивните колеги од Џез оркестарот ќе можат да ги одржат своите генерални проби и концерти во зградата на Филхармонија, порача министерката Костадиновска-Стојчевска и ги повика сите вработени во Филхармонија „да ги запрат протестите и да се вратат во нормалниот ритам на работа, да се посветат на творештвото и да дадат придонес во нормализација на односите“.

– Тоа сите и го должиме на публиката. Да го дочекаме големиот Мехта достоинствено. На музичарите и од Филхармонија и од Џез оркестарот им посакувам успешна и плодотворна работа и соработка, рече министерката и дополни дека со ова решение е ставен „крај на манипулативните и непотребно создадени тензии меѓу колеги музичари“.

– Не сакам да навлегувам во тоа кому и зошто му беа потребни, но тие тензии се создадени и прават штета. Сите имаме одговорност да создаваме решенија. А тие што одбиваат да градат мир, чесно е да се повлечат. Претседателот на Синдикатот на Филхармонија се надевам дека ќе има минимум доблест на јавноста, но пред сè на своите колеги, да им се извини за сите пласирани манипулативни соопштенија во кои немаше ниту грам синдикализам, а уште помалку култура и со тоа креираше погрешна слика во јавноста дека музичарите се нетрпеливи и тесногради едни кон други, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Зачлени се на нашиот е-билтен