Приватна финансиска донација го збогати фондот на Кинотека со значајни историски филмски записи

Утре, во просториите на Порта Македонија во Скопје ќе се одржи прес-конференција со која се најавува ретка соработка помеѓу приватниот сектор и национална културна институција.

Имено, Кинотеката на Северна Македонија деновиве доби значителна финансиска донација од специјалистичката дијагностичка лабораторија „Авицена“, која ќе биде употребена за откуп на филмски материјал од историско и општествено значење за државата. Станува збор за филмски журнали од серијалот „Филмске новости“, кои во периодот од 1957до 1972 година биле снимени во тогашната Република Македонија.

„Филмске новости“ беше посебно оддление на белградското претпријатие за производство на филмови „Звезда-филм“, за во 1950-тите да се осамостои како посебна „Сојузна установа Филмске новости“. Филмските журнали кои ги произведуваше – памети постарата кино-публика – беа прикажувани пред проекциите на играните филмови ширум кината во Југославија, а претставуваа кратки информативни филмови за актуелни случувања во државата. Пред појавата на телевизијата тие беа и единствени аудивизуелни записи преку кои населението се информираше на пример за отварањето и работата на индустриските капацитети, реализирањето на одредени стопански политики, посетите на странски делегации и на познати светски личности, различните аспекти на општествено-политичкиот живот во Југославија, сегментите од културно-забавниот живот, спортските натпревари и настани, но и за природните непогоди и катастрофи кои го погодуваа регионот (како поплавите и Скопскиот земјотрес).

Кинотеката располага со одредена количина филмски журнали на „Филмске новости“ и досега ги има откупено речиси сите епизоди до 1956 година, но благодарение на донацијата на „Авицена“ оваа зборка значајни историски сведоштва ќе биде збогатена со материјал за уште две децении.

Најчитано