Иван Шопов со „Зентрифуга“ се претстави во Варшава на изборот за Европската награда за литература за 2026 година

Шопов

Од 27 до 30 мај, во склоп на Саемот на книгата во Варшава, се одржа годинешниот избор за Европската награда за литература за 2026 година. Наградата ја доделува Европската унија (EU Prize for Literature – EUPL) за прозна книга на автор во подем. Под мотото „Приказни што поминуваат граници“ (Stories that cross borders) беа претставени 14 дела на автори од 14 земји (Ерменија, Хрватска, Кипар, Чешка, Естонија, Финска, Франција, Косово, Луксембург, Лихтенштајн, Молдавија, Црна Гора, Македонија и Шведска) кои влегоа во најтесниот избор.

Иван Шопов ја претстави „Зентрифуга“ (Бегемот, 2024) на Саемот на книгата во Варшава во разговор заедно со Дора Капралова од Чешка, авторка на наградената книга „Мариборска хипноза“, и Франс Вахтмајстер од Шведска, автор на книгата „Изгубено тло“. Главната церемонија на доделувањето на наградата се одржа во Музејот на современата уметност во Варшава и на неа сите автори имаа можност да прочитаат извадок од своето дело на мајчин јазик.

ЕУПЛ во септември ќе издаде антологија на англиски јазик со извадоци од сите книги што влегоа во потесниот избор за наградата и истата ќе биде промовирана на годинешниот Саем на книгата во Франкфурт.

Сите настани и работилници организирани од ЕУПЛ беа во насока на поврзување на авторите и издавачите, градење мостови и соработки за избраните книги да ги преминат границите на своите држави и што полесно да стигнат до европските читатели, а со тоа да им се даде видливост на писателите и полесно движење на современата  литература.Иван Шопов (Скопје, 1987) е македонски писател, преведувач и уредник. Дипломирал на Катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на книги со кратки раскази, песни во проза и сатирични текстови. Пишува и поезија и хаику.

Најчитано