Помина речиси еден месец откако градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски, практично исчезна од јавноста. Нема прес-конференции, нема јавни настапи, нема обраќања до граѓаните, а општината функционира преку овластен заменик. Официјалното објаснување е дека Лукровски е на боледување поради здравствени причини. Тоа го потврдија и од Општината и премиерот Христијан Мицкоски.
Но, колку и да е легитимно секој функционер да има право на приватност кога станува збор за здравјето, подеднакво легитимно е и правото на јавноста да знае кој раководи со една од најголемите скопски општини и до кога ќе трае ваквата состојба.
Проблемот не е во боледувањето. Проблемот е во молкот. И во насмевката.
Во изминатите недели јавноста доби повеќе шпекулации отколку информации. Се зборуваше за оставка, за повлекување од функцијата, за внатрепартиски несогласувања. Општината ги демантираше ваквите тврдења и соопшти дека станува збор за привремено отсуство. Но, ниту самиот Лукровски ниту неговиот кабинет не најдоа за потребно директно да им се обратат на граѓаните на Карпош.
Во ваков амбиент, наместо одговори, се добиваат политички досетки. Кога новинарите го прашаа премиерот и партиски лидер на Лукровски за неговото исчезнување од јавноста, Мицкоски одговори дека „само може да се насмее“. Таквата реакција можеби е разбирлива од аспект на дневната политика, но тешко може да ги задоволи жителите на Карпош кои очекуваат транспарентност и отчетност. Насмевката не е институционален одговор. Насмевката не кажува кога избраниот градоначалник ќе се врати на работа. Насмевката не објаснува зошто со недели нема ниту едно негово јавно обраќање.
Дополнителна конфузија создаде и фактот што во меѓувреме заменикот Неделчо Крстевски практично ја извршува функцијата, а во една прилика и самиот премиер го ослови како градоначалник.
Карпош не е приватна компанија, туку локална самоуправа финансирана од граѓаните. Градоначалникот не е обичен службеник кој може едноставно да исчезне од јавната сцена без дополнителни објаснувања. Кога избран функционер подолг период не ја извршува функцијата, јавноста има право да знае што се случува со институцијата што ја води.
Затоа прашањето останува отворено: каде е Сотир Лукровски? Ако е на боледување, кога се очекува да се врати? Ако нема да се врати наскоро, кој е планот за понатамошното функционирање на Општина Карпош?
Сѐ додека одговорите изостануваат, секоја насмевка од политичките лидери само дополнително ќе го потхранува сомнежот дека некој намерно избегнува да ја каже целата вистина.
