Рацин.мк денеска дознава дека во ЈП Државни патишта е откриена грешката во софтверот за пресметка на платите и на сите вработени денеска на сметките им „легна“ износот до целосната утврдена плата.
Со тоа се потврди тоа што го објавивме дека намалените плати што им беа исплатени на вработените за месец мај со намален износ, биле такви заради грешка на системот за пресметување на платите.
„Во текот на имплементацијата на надградба и модернизација на ERP системот, која има за цел унапредување на деловните процеси, беа констатирани одредени отстапувања при обработката на платите за дел од вработените“, информираа вчера од ЈПДП во одговорот до Рацин.мк.
Веднаш по констатирањето на состојбата, спроведена е детална анализа и проверка на сите пресметки со цел утврдување на причините на евентуалните отстапувања.
„Согласно досегашните сознанија, станува збор за технички аспект поврзан со имплементацијата на системските промени, а не за промена на политиката за исплата на плати или намалување на правата на вработените“, дообјаснија од ЈП ДП.
Како што посочија вчера откако завршиле на проверките и пронајдена причината, сите утврдени разлики се соодветно корегирани во согласност со важечките законски и интерни процедури на ЈПДП.
До оваа ситуација дојде откако вчера се проширија информации дека вработените во ова претпријатие добиле намалени плати без објаснување што предизвика револт меѓу вработените.
Со интервенцијата во меѓувреме се потврди дека станувало збор само за техничка грешка во системот за пресметка на платите.
