Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ влезе во нов институционален фокус по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за 2024 година, во кој се констатирани неправилности во дел од исплатите, јавните набавки, внатрешните контроли и постапките поврзани со приемот на нови слушатели. Ревизорите изразиле мислење без резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, но мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.
Според извештајот, надоместоците за членовите на Управниот одбор и Програмскиот совет се исплаќале месечно и во целост, наместо пропорционално според присуството на седници. За членовите на Управниот одбор биле исплатени 1,976 милиони денари, а ревизијата утврдила дека дел од средствата биле исплатени и на членови кои не присуствувале на седници, со ефект на повеќе исплатени 211 илјади денари. За Програмскиот совет биле исплатени 1,512 милиони денари, од кои 747 илјади денари за месеци во кои не биле одржани седници.
Ревизијата констатирала и дека законскиот рок за завршување на втората фаза од почетната обука за осмата генерација бил надминат за три месеци, што довело до дополнителни трошоци за ментори и координатори. Дел од договорите со менторите биле склучени по истекот на периодот на менторство, а на координатори им биле исплатувани средства иако нивниот статус, права и обврски не се утврдени со Законот за Академијата.
Неправилности се наведуваат и во делот на работните односи и материјалното работење. Ревизорите утврдиле надминување на законскиот максимум за прекувремена работа, без претходно писмено известување до трудовиот инспектор, како и исплата на прекувремена работа во денови кога истото лице имало и дневници за службено патување во странство и присуство на седница во редовно работно време. Во Академијата, според извештајот, не била воспоставена евиденција од која може да се утврди на кого и за која цел се издавале картички за гориво.
Во јавните набавки, ревизијата утврдила критериуми кои не биле директно поврзани со предметот на набавката, како и набавки на стоки и услуги без спроведена постапка за јавна набавка во вкупна вредност од 418 илјади денари со ДДВ. Дополнително, за психолошките тестови за приемниот испит од 2011 година континуирано се користела постапка со преговарање без објавување оглас со истиот економски оператор, а во постапката од 2023 година не бил побаран доказ дека операторот е акредитирана професионална институција.
Посебен дел од извештајот се однесува на деветтата генерација слушатели. Академијата во јануари 2023 година распишала оглас за прием на 130 слушатели, на кој се пријавиле 527 кандидати. Постапката била ставена во мирување со одлука на ДКСК до завршување на претседателските избори, потврдена од Управниот суд и Вишиот управен суд. По изборите, Академијата добила циркуларен допис од Владата за запирање на одредени постапки за вработување и унапредување, а по барањата за појаснување до Владата, Министерството за финансии и Министерството за правда, според ревизорите, не добила конкретен одговор. Управниот одбор на 25 декември 2025 година донел одлука огласот да се поништи.
Поранешната директорка Наташа Габер-Дамјановска во писмени забелешки до ревизорскиот извештај навела дека констатираните пропусти не биле резултат на намера за заобиколување на законот, туку на објективни околности и интензивен обем на работа. Таа посочила дека во периодот биле реализирани активности за шестата, седмата, осмата и започнатата деветта генерација, со повеќе од 1.600 кандидати и ограничени човечки ресурси.
Случајот се отвора во период кога правосудството се соочува со сериозен кадровски недостиг. Министерството за правда претходно соопшти дека пополнетоста на судиските места изнесува околу 67 проценти, а пополнетоста на судската служба само 36 проценти, што директно се одразува врз ефикасноста на постапките и правото на судење во разумен рок.
