Вработени на Детската клиника шест месеци без плата: Немаме сигурност за нашата иднина

детска

Дел од вработените на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје веќе шест месеци работат без да примаат плата и без регулиран работен статус, поради што побараа итно решение од надлежните институции.

Станува збор за медицински персонал ангажиран преку програмата „договор на дело“, кои пред Министерството за финансии побараа деблокирање на постапката за трансформација на нивниот работен однос и исплата на заостанатите примања. Според нив, и покрај тоа што секојдневно ги извршуваат своите работни обврски и учествуваат во згрижувањето на пациентите, веќе половина година се оставени без приход.

Претставници на вработените посочија дека состојбата станува сè потешка и за нивните семејства, но и за функционирањето на самата клиника, која се соочува со недостиг на кадар.

„Шест месеци доаѓаме на работа без плата и без никаква сигурност за нашата иднина“, изјави една од вработените за ТВ21, апелирајќи институциите што поскоро да најдат решение за нивниот статус.

Вработените велат дека претходно добиле уверувања дека нивниот проблем ќе биде надминат, но досега не е постигнат конкретен договор меѓу надлежните институции. Тие нагласуваат дека нема да се откажат од барањата сè додека не добијат јасен одговор кога ќе им бидат исплатени платите и кога ќе биде решено нивното вработување.

Од Министерството за здравство во повеќе наврати најавуваа активности за решавање на статусот на здравствените работници ангажирани по различни основи во јавните здравствени установи, но засега нема официјална информација кога конкретно ќе биде затворено прашањето за вработените на Детската клиника.

Случајот повторно го отвора прашањето за недостигот од медицински кадар во јавното здравство и условите во кои работат дел од здравствените работници, кои и покрај секојдневната грижа за пациентите, со месеци се соочуваат со неизвесност околу својот работен ангажман.

Најчитано