Социјална помош без контрола, нецелосна документација и неосновани исплати утврдил Државниот завод за ревизија во системот за остварување, исплата и надзор на паричните права од социјална заштита, откако ревизијата за периодот од 2022 до јуни 2025 година покажала дека дел од корисниците добивале помош без целосно исполнети законски услови, а во 2024 година 235 лица истовремено користеле и социјална заштита и пензија.
Според конечниот ревизорски извештај на ДЗР, системот и активностите за остварување, исплата и контрола на правата од социјална заштита не биле усогласени во сите материјални аспекти со релевантната законска и подзаконска регулатива. Ревизорите укажуваат на недоречености во правната рамка, ограничена примена на стратешките документи и неусогласености меѓу правилниците и обрасците што ги користат центрите за социјална работа.
Најсилниот наод се однесува на 235 корисници кои во 2024 година истовремено стекнале или користеле права од социјална заштита и пензија. За нив, според ДЗР, неосновано биле исплатени 14,536 милиони денари, односно околу 236 илјади евра. Од оваа сума, 10,763 милиони денари се исплатени на 190 корисници по основ на гарантирана минимална помош, 426 илјади денари на пет корисници по основ на траен надоместок, а 3,347 милиони денари на 40 корисници по основ на социјална сигурност за стари лица.
Ревизијата открила и дека кај правото на социјална сигурност за старите лица 11 корисници го оствариле правото без исполнување на условот за возраст. По тој основ, според ДЗР, неосновано биле исплатени 3,211 милиони денари. Дополнително, кај 12 корисници во интегрираниот информациски систем не биле прикажани податоци дека невработеното лице користи паричен надоместок поради невработеност, поради што не биле донесени решенија за престанок или намалување на гарантираната минимална помош, со неоснована исплата од 740 илјади денари.
Во 2024 година, според ревизорите, за парични права од областа на социјалната заштита, вклучително и исплатите по основ на здравствена заштита, биле исплатени 10,003 милијарди денари, односно околу 162,128 милиони евра. Средствата биле исплатени на просечен број од 113.666 корисници, што претставува 15 проценти од вкупните расходи на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Исплатите од 2022 до 2024 година пораснале за околу 30 проценти.
ДЗР утврдил дека дел од правата се остварувале со некомплетна документација, без почитување на пропишаните критериуми, со изостанат непосреден увид во домаќинството, недоволно или неспроведено годишно преиспитување и некомплетна службена евиденција. Ваквите слабости, според ревизорите, влијаат врз точното утврдување на фактичката состојба, правната сигурност, еднаквиот третман на корисниците и рационалното трошење јавни средства.
Особено проблематична е размената на податоци меѓу институциите. Центрите за социјална работа најголем дел од документацијата ја обезбедуваат по службена должност преку интегрираниот информациски систем СПИЛ и преку размена со други институции, но ревизијата покажала дека токму во тој дел има слабости што влијаат врз навременото и правилно остварување на правата.
Ревизорите укажуваат и дека центрите за социјална работа и Агенцијата за вработување не ја спроведувале ефикасно законската обврска за изработка и следење индивидуални планови за активација на невработените корисници на гарантирана минимална помош. Плановите се изработувале во многу мал обем, најчесто рачно наместо електронски, без функционална соработка, без назначени координатори и без редовни средби меѓу институциите.
Според податоците наведени во извештајот, бројот на лица со изготвени активациски планови бележел пад: од 2.365 во 2022 година, на 1.325 во 2023 година, 522 во 2024 година и 103 во 2025 година. Истовремено, ДЗР посочува дека просечниот број корисници на гарантирана минимална помош во 2024 година изнесувал 34.319, што покажува колку ограничен бил опфатот на мерките за работна активација.
Ревизијата отвора и прашање за враќањето на неосновано исплатените средства. Според ДЗР, Министерството нема донесено јасни упатства и процедури за склучување и следење спогодби за враќање на средствата, а најголем дел од центрите за социјална работа немаат уредна евиденција за побарувањата и наплатата. Поради тоа, наплатата е ненавремена и нецелосна, а во пракса побарувањата тешко се наплатуваат.
Во извештајот е наведено и дека во еден случај е поднесена кривична пријава поради сомнеж за злоупотреба на службена должност и фалсификување исправа. Овој дел од ревизијата дополнително ја отвора темата дали контролите во системот биле доволни за навремено откривање можни злоупотреби во постапките за социјални права.
ДЗР утврдил и лоши услови за работа и чување документација во дел од центрите за социјална работа, особено во службите за парична помош на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Скопје. Дел од службите се сместени во бараки со несоодветни простории, а документацијата се чува по ходници и канцеларии, во картонски кутии и регистратори, без соодветна заштита.
Инспекцискиот надзор, според ревизорите, не се спроведувал врз основа на целосна евиденција и проценка на ризик, не ги опфаќал сите права со редовен надзор, а намалувањето на редовните инспекции за сметка на вонредните може да ја намали ефикасноста во откривање и спречување неправилности.
ДЗР препорачува унапредување на правната рамка, подобро програмско планирање, поефикасна размена на податоци, јасни процедури за враќање неосновано исплатени средства и посилен надзор над исплатата на паричните права, со цел системот да ги насочи средствата кон граѓаните кои навистина ги исполнуваат условите за социјална поддршка.
