Полицијата откри 140 прекршоци кај велосипедисти, мопедисти и мотоциклисти

МВР

Во засилена акциска контрола на територијата на цела Македонија, полицијата констатирала 140 сообраќајни прекршоци кај возачи на велосипеди, мопеди и мотоцикли. Најголемиот дел од прекршоците се однесуваат на непочитување на обврската за носење заштитна кацига, а за осум возачи се поднесени и кривични пријави. 

Контролата била спроведена од Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи, во периодот од 17 до 22 часот. Од вкупно 140 констатирани прекршоци, дури 102 биле поврзани со управување без задолжително носење заштитна кацига. 

Полицијата открила и двајца возачи кои управувале под дејство на алкохол. За осум лица биле поднесени кривични пријави согласно член 297 а од Кривичниот законик. 

Најмногу прекршоци биле регистрирани на подрачјето на СВР Струмица, каде што биле констатирани 33 случаи. Следуваат СВР Тетово и Мобилната единица за безбедност на сообраќајот со 17, СВР Куманово со 15, СВР Битола и СВР Охрид со по 13, СВР Велес со 12, СВР Скопје со 11 и СВР Штип со девет прекршоци. 

Покрај овие случаи, при акцијата биле констатирани и 156 прекршоци од друг вид. За сите утврдени прекршоци биле преземени соодветни мерки и санкции согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. 

Од МВР најавуваат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период. Од институцијата апелираат до возачите на мотоцикли, мопеди и другите возила да ги почитуваат сообраќајните правила, да користат соодветна заштитна опрема и да не управуваат под дејство на алкохол. 

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?