Ботокс деклариран како козметички примероци: Осомничени доктор и медицинска сестра

Ботокс

Доктор и медицинска сестра од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ се осомничени дека се обиделе незаконски да внесат 199 вијали ботокс во земјава преку поштенска пратка, која била лажно декларирана како козметички примероци.

Царинската управа поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против двете лица за сомнение дека ги сториле кривичните дела криумчарење и царинска измама.

Пратката била откриена при детална контрола во Царинската испостава Скопје 1. Во документацијата било наведено дека пакетот содржи десет козметички примероци со вкупна вредност од 80 американски долари, но цариниците пронашле 199 вијали ботокс чија проценета вредност изнесувала околу 615.000 денари.

Според наводите во постапката, првоосомничениот, вработен како доктор во Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“, ја нарачал пратката од компанија во Република Кореја. Тој, наводно, договорил производите во фактурата да бидат прикажани како козметички средства со значително пониска вредност.

Второосомничената, медицинска сестра во истиот клинички центар, се согласила пратката да пристигне на нејзино име и адреса, а фактурата била платена од нејзината трансакциска сметка.

По откривањето на ботоксот, Одделението за истраги при Царинската управа спровело предистражна постапка, а по налог на јавен обвинител биле извршени претреси на три локации.

Од Царинската управа нагласуваат дека увозот на ботокс е строго регулиран и дека за внесување вакви производи се потребни соодветни дозволи од надлежните институции.

Двете лица се осомничени, а нивната евентуална кривична одговорност треба да биде утврдена во понатамошната постапка.

Најчитано