Купувате онлајн? Нов регистар покажува дали продавачот е регистриран

Граѓаните отсега полесно ќе можат да проверат од кого купуваат на интернет, откако Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија го објави ажурираниот Регистар на е-трговци, наменет за поголема безбедност и транспарентност при онлајн купувањето.

Во регистарот се опфатени 1.374 активни домашни е-продавници, распоредени во 25 категории. Станува збор за трговци кои имаат регистриран правен субјект во земјава, интегрирано плаќање преку банка и реализирале најмалку една онлајн трансакција во текот на 2025 година.

Регистарот се ажурира во соработка со пет банки кои процесираат електронски трансакции – Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка, Халкбанк и УНИБанка. Продавачите може да се пребаруваат според интернет-адресата на продавницата, правниот субјект или категоријата во која работат.

Најмногу регистрирани е-продавници има во категоријата козметика, производи за убавина и нега – вкупно 115. Следуваат продавниците за облека, обувки и модни додатоци со 100, храна и пијалаци со 87, бела техника и електроника со 86 и туристички услуги со 81 е-продавница.

Во регистарот се застапени и интернет-продавници за образование, мебел, дом и градина, дигитални услуги, стриминг-содржини и други производи и услуги. Од Асоцијацијата оценуваат дека ваквата разновидност покажува дека домашниот пазар на е-трговија постепено созрева и се проширува.

Регистарот има особено значење поради сè почестите обиди за измама преку социјалните мрежи, каде производи неретко се нудат од профили зад кои не стои регистриран деловен субјект. Со проверката граѓаните можат да утврдат дали продавачот е регистриран и дали користи банкарски систем за онлајн наплата.

Сепак, присуството во регистарот значи дека трговецот е регистриран кај една од банките за електронско плаќање, а не дека автоматски го поседува и посебниот беџ за верификуван е-трговец.

Објавувањето на ажурираниот регистар доаѓа во период на силен раст на онлајн купувањето. Во 2025 година вредноста на електронските трансакции во Македонија достигнала 950 милиони евра, што е раст од 32 отсто во споредба со претходната година.

Од вкупната сума, 522 милиони евра биле реализирани кај домашни е-трговци. Во земјава биле регистрирани 1.829 места за електронска продажба, од кои 1.396 реализирале најмалку една трансакција во текот на годината.

Регистарот е јавно достапен преку интернет-страницата на Асоцијацијата за е-трговија, а препораката до граѓаните е пред секое купување да го проверат продавачот, особено кога станува збор за непознати интернет-продавници или понуди објавени на социјалните мрежи.

Најчитано