Зошто не треба да се туширате со ладна вода за време на горештини?

Кога температурите ќе надминат 35 степени, многумина инстинктивно посегнуваат по ладен туш верувајќи дека тоа е најбрзиот начин за разладување. Сепак, експертите предупредуваат дека туширањето со многу ладна вода за време на екстремни горештини може да има спротивен ефект и да го отежне природното ладење на организмот. 

Според стручните објаснувања, човечкото тело располага со сопствен систем за регулирање на температурата. Кога ненадејно ќе биде изложено на многу ладна вода, крвните садови се стеснуваат, а организмот се обидува да ја задржи топлината во внатрешноста. Наместо да се ослободи од вишокот топлина, телото може привремено да ја зачува, поради што чувството на разладување трае кратко, а подоцна може повторно да се појави чувство на жештина. 

Експертите посочуваат дека многу подобар избор е млак или умерено топол туш. Таквата вода му помага на телото постепено да ја намали температурата без да предизвика шок за организмот. Оптималната температура за освежување и разладување е околу 26 до 27 степени Целзиусови. 

Наглото изложување на ледено студена вода може дополнително да претставува ризик за лицата со кардиоваскуларни заболувања, бидејќи предизвикува ненадејни промени во циркулацијата и работата на срцето. Затоа лекарите препорачуваат постепено разладување наместо екстремни температурни разлики. 

Покрај тоа, дерматолозите советуваат да се избегнуваат и премногу жешки тушеви, бидејќи можат да ја исушат кожата и да ја оштетат нејзината природна заштитна бариера. Најдобро решение во летните денови е млака вода која истовремено освежува и му помага на организмот природно да ја регулира температурата.

Најчитано