Кога ќе се спомене Крушево, освен Илинденското востание и Крушевската Република најчестата асоцијација за градот се крушевските куќи. Архитектонско безвремено ремек-дело на неимарите, градителите и жителите на градот, кое остава без здив. Денес поголемиот дел од овие објекти пропаѓаат, иако се под заштита на државата. Причината е заплетканата бирократија и институции што треба да дадат одобрение дури и за најмала поправка.
Автори: Лефкија Гажоска* и Мики Трајковски**
Една од најубавите крушевски куќи му припаѓа на Коста Мицкоски. Стара е 240 години и едно време се наоѓала и на југословенска поштенска марка.
Мицкоски раскажува дека животот во една ваква куќа е „како да живееш со историјата на семејството“. Додека нѐ води низ својот дом, покажува дека секоја соба има посебни спомени, за кои му зборувале неговите прадедовци и прабаби.
„Но, и многу лични спомени се вткаени во секој дел од куќата“, додава Мицкоски.
Овој објект е една од триесетината приватни куќи што се под заштита на државата. Иако ваквата заштита треба да обезбеди посебен статус на овие куќи, на сопствениците им прави повеќе проблеми отколку корист.
Поради долгите и сложени постапки за добивање дозволи, сопствениците се доведени во ситуација побрзо да ги напуштат куќите отколку легално да ги реконструираат. Поради ова многу од објектите не можат ниту да се продадат, поради што доаѓа до нивно тотално распаѓање.
Мицкоски објаснува дека грижата за неговата куќа, иако е под заштита, е единствено негова и на неговото семејство.
„До ден-денес државата освен на хартија, во одржувањето на мојот дом, инаку заштитен објект на ул. ‘Тодор Проески’ бр. 31, нема вложено ниту еден денар. А Општина Крушево и државата можат само да се гордеат со мојата куќа, затоа што тоа е единствен објект што се наоѓа на поштенска марка на Југославија“, дециден е Мицкоски.
Тој додава дека заштитата е пречка и за најмала интервенција на куќата.
„Статусот на заштитен објект бил и сѐ уште е голема пречка за секаков вид зафати. Јас и моето семејство со големи вложувања и сопствени финансии успеваме да го одржиме нашиот дом во функционална состојба. Сам обезбедив средства и мајстори за да ја препокријам и за да ја уредам внатрешноста на куќата“, објаснува Мицкоски, сопственик на една од најубавите крушевски куќи.
Од 44 заштитени објекти, дел веќе се претвораат во урнатини
Во Крушево пет објекти се во фаза на тотално распаѓање во последниве години. Тие претставуваат опасност за непосредната околина, за првите соседи и за минувачите. Најсвеж е примерот со објект на улицата „Манчу Матак“ бр. 34, која меѓу крушевчани беше позната како „крушевска убавица“, која сега е руинирана.
На само неколку метри од неа се наоѓаше уште една стара крушевска куќа, која веќе ја нема. Пред да се урне, Министерството за култура испрати екипа од конзерватори, да го конзервираат тимпанонот на објектот. Најсвеж е примерот со куќата во потесното градско подрачје, во близина на Домот на култура „Наум Наумоски – Борче“, која била урната до првиот кат и потоа препокриена со ламарина.



Овие заштитени куќи датираат далеку пред Илинден. Нивната стамена градба ги преживеала илинденските голготи, Балканските војни, Првата и Втората светска војна, но во денешно време сѐ почесто се поставува прашањето дали ќе ја преживеат заштитата на државата.
Многу крушевчани се разочарани од она што се случува со овие градби.
„Според моменталната состојба на терен, изгледа државата воопшто не се грижи за овие куќи. Особено ако во нив не живее никој или повремено доаѓаат сопствениците, за викенди или преку лето“, вели Иван Андрески, поранешен градоначалник на Општина Крушево.

Според него, Општината не може ништо да направи бидејќи на сила се одредби од два закона.
„А нема и доволно средства во својот буџет. На подолг рок Општината може да воспостави потесна соработка со Заводот за заштита Прилеп и секоја година да поднесуваат повеќе барања до Министерството за култура за да се зачува постојната состојба со заштитените добра. Во спротивно, дел по дел ова културно наследство неповратно ќе биде уништено, а староградската крушевска архитектура е сѐ уште препознатливо лице на градот“, со загриженост вели Андрески.
Од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп врз основа на барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер, информираат дека во споменичната целина Крушево како посебно заштитени објекти, индивидуални куќи за живеење, во приватна сопственост се вкупно 32.


Во границите на опфатот се наоѓаат и 12 заштитени недвижни добра како недвижно културно наследство на Република Северна Македонија. Тоа се поединечни споменични добра што претходно се валоризирани и за кои се донесени поединечни решенија. Станува збор за споменикот „Илинден“, Спомен-куќата на Тодор Проески, куќата во која живеел и работел Никола Карев, работилницата за оружје за време на Илинденското востание, Галеријата „Никола Мартиноски, куќа во која е прогласена Крушевската Република, црквата „Св. Јован“ (решение за иконостас), куќа, зграда на Катастарот, куќа на ул. „Манчу Матак“ бр. 32, зграда на Музејот на НОВ, Домот на културата „Наум Наумовски – Борче“ и куќата на Градскиот народен комитет.
Пет години за еден покрив
Заштитата на културното наследство во Крушево подложи на два закона по кои институциите се обврзани да постапуваат. Едниот е Законот за заштита на културното наследство, а другиот Законот со кој Крушево се прогласува за заштитена споменична целина, донесен во 2012 година. И двата закона имаат за цел да се заштити културната и архитектонска посебност на Крушево како целина.
Но, жителите велат дека со носење на овие закони, повеќе добиле главоболки и оти тоа прави пречки во економскиот развој на градот. Главниот проблем е што секој зафат подложи на строги, долги и комплицирани постапки. Крушевчани не смеат да поставуваат ниту соларни колектори на своите покриви, а Општината не може да ги користи државните фондови за поставување соларни панели на јавните објекти, како училиштата и градинката.
Куќата на крушевчанецот Таки Тирчоски е добар пример за апсурдноста во „заштитата на културното наследство“. Како што раскажуваат крушевчани, реконструкцијата на неговата куќа, од првична реконструкција на покривот, до уредување на фасадата, трае веќе пет години.
Најтешка била првата фаза, а тоа е промената на покривната конструкција, бидејќи заштитените куќи во Крушево мора да се покриени со камени плочи. За да се изведе оваа активност, Заводот во Прилеп требало да распише тендер. Тендерот пропаднал двапати, а на крајот од 2024 година конечно бил избран изведувач. Куќата била откриена во ноември, кога временските услови биле лоши, па сопствениците зимата ја поминале буквално под најлон. Поради тоа дошло до оштетување на вториот кат и на внатрешноста, а оштетени биле и мебелот и друг вид покуќнина.
Оваа куќа е во завршна фаза на реконструкција, по пет години од почетните активности, под строг надзор на стручни лица.

Предлог за спас на старите крушевски куќи
Горанчо Цветкоски, кустос етнолог и поранешен директор на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп, како можно решение за долгите и комплицирани процедури и недостиг на средства за исполнување на сите законски потребни активности, предлага Општина Крушево да направи „интервентен фонд“ во својот буџет.
„Овие средства што не треба да се многу големи, ќе служат за кофинансирање поголеми зафати, но и за превентивна заштита, поточно за санирање помали зафати и помали реконструкции на заштитените градби“, посочува Цветкоски.

Според него, сите активности мора да бидат надгледувани од стручните лица во Заводот за заштита Прилеп, бидејќи без нивен надзор и одобрение, не треба да се преземе ни да се реализира ниедна активност.
Прашан зошто три градби што се под заштита се урнати, тој вели дека освен долгите процедури, улога во навремената интервенција имаат и сопствениците, кои се должни во Заводот за Заштита да пријават навремено секаква потреба од интервенција.
„Најчесто пријавувана интервенција е на покривната конструкција, која како зафат е и најсложена, затоа што покривите на овие куќи се со камени плочи, а сѐ помал е бројот на мајстори што можат овој зафат да го направат по сите процедури, како што налагаат законите. И, за жал, сѐ повеќе заштитени куќи во Крушево се продаваат, или имаат нерешени сопственички права, така што сето тоа резултира со пасивното ‘оставање на објектите на забот на времето’“, објаснува Цветкоски.
Според познавачите на околностите, дополнителен проблем е што секоја интервенција на овие заштитени куќи мора да ја работи градежна фирма со таканаречена А-лиценца, а такви фирми во Македонија се малку и најчесто работат на големи проекти за конзервација, па и доколку се јават на тендер, ангажираат подизведувачи што ја немаат таа лиценца. Многу често се случува тендерот да пропадне, а средствата неискористени се враќаат во буџетот.
Колку пари – толку заштита
Од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп велат дека заштитените објекти се наоѓаат во различна физичка состојба, што вклучува многубројни фактори. Од самата грижа на сопствениците, староста и амортизираноста на објектите, до тоа дали сопствениците живеат во куќите, или ретко ги користат.
„Сопствениците и другите иматели на културното наследство се одговорни за одржувањето, чувањето и почитувањето и правилното користење на културното наследство и имаат права и должности утврдени со овој и друг закон“, велат од Заводот.

За објектите во Крушево многу значаен фактор претставува и микроклимата, што била многу специфична и директно влијаела врз физичката состојба и зачуваноста на објектите, особено на старите објекти, градени од традиционални материјали, како камен, дрво, плет, кал, варов малтер, покривни камени плочи, при што таа директно придонесувала до постепено, но континуирано разградување на материјалите.
На прашањето во каква состојба се наоѓаат куќите што се под нивна заштита, од Заводот велат дека сѐ зависи од финансиските средства со кои располагаат.
„Од Министерството за култура се финансираат увиди за констатирање на состојбата на добрата и тие се поврзани со финансиски средства и ангажирање стручен кадар. Во рамките на своите можности и ингеренции, Заводот за заштита на споменици на културата и Музеј – Прилеп континуирано врши увиди во состојбата на заштитените добра и воопшто во состојбата на заштитената Споменична целина Крушево“, велат од институцијата.
За објектите се изработувале елаборати за валоризација или ревалоризација, или конзерваторски проекти во континуитет. Конзерваторски проекти можеле да се изработат и од надворешни проектантски фирми, кои требало да поседуваат овластување А, а фирмата задолжително да поседува А-лиценца за проектирање, за сите потребни фази на изработка.
Вкупниот буџет за 2026 година за оваа намена, доделен од Министерството за култура и туризам, изнесува нешто над 7 милиони денари. Приоритет при изборот на заштитни интервенции на објекти се вршел според загрозеноста и нивото на неговите архитектонски и споменични карактеристики, или по барање на имателите што сметаат дека треба да се извршат заштитни интервенции на поединечно заштитеното добро.

„Заштитни интервенции се вршат исклучиво според изработени конзерваторски проекти за кои е издадено конзерваторско одобрение, по спроведување соодветна постапка за јавна набавка, а изведбените работи се изведуваат исклучиво со конзерваторски надзор, а ако се интервенира на конструктивниот систем на објектот, задолжително се вклучува и градежен надзор“, објаснуваат од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп.
За 2026 година се планирани повеќе активности поврзани со овие објекти, и тоа изработка на основен проект за конзервација, реставрација и санација на фасади на семејна куќа на улица „8 Септември“ бр. 23, изведба на заштитна времена конструкција на витражни композиции и застаклени галерии на споменикот „Илинден“ (Македониум), реализација на основен проект за конзервација и реставрација на куќа на улицата „Коча Миленку“ бр. 15, изработка на основен проект за конзервација, реставрација и санација на куполата од споменикот „Илинден“.
Досега биле извршени неколку конзерваторски интервенции, и тоа на Галеријата „Никола Мартиноски“ и на Музејот на Крушевската Република, реконструкција на работилницата за оружје за време на Илинденското востание, конзервација со фаза препокривање на две куќи, конзервација и реставрација на три куќи, превентивна заштита на куќа на улица „Коча Миленку“ бр. 29, конзервација на објект на зградата на Катастарот за недвижности, како и санација на дел од црквата „Св. Јован“.
Нов Закон за заштита на културното наследство
Од Министерство за култура и туризам велат дека се запознаени со проблемите со кои се соочуваат сопствениците на објекти што се дел од културното наследство, вклучително и во Крушево.

„Министерството активно работи на подготовка на нов Закон за заштита на културното наследство, при што се земаат предвид сите релевантни околности, со цел да се обезбеди соодветна рамнотежа помеѓу зачувувањето на културното наследство и потребите на граѓаните“, велат оттаму.
И од прилепскиот Завод за заштита на спомениците велат дека исто како и граѓаните, и тие се соочувале со слични проблеми и оти активно биле вклучени во најавените законски измени.
„Се надеваме дека актуелните проблеми ќе бидат опфатени во рамките на законските измени. Кога се зборува за градителското наследство на Крушево, треба да се има предвид дека градот треба да се третира како една целина, со цел да се зачуваат неговите амбиентални карактеристики, а тоа значи дека поединечно заштитените добра можат лесно да се изгубат во целосно девалвиран амбиент“, велат од Музејот во Прилеп и додаваат дека и тие се соочуваат со проблеми, какви што се недостиг на стручен кадар и финансиски средства, а HУ Завод и Музеј – Прилеп е единствената надлежна институција за културните добра за подрачјето на општините Прилеп, Крушево, Долнени и Кривогаштани и регионот Мариово.
Локалните власти бараат олеснување на процедурите
Од Општина Крушево велат дека во однос на заштитата на старите крушевски куќи, имале надлежности само во делот на урбанистичкото планирање, издавање одредени одобренија и координација со надлежните институции. Но, соработувале со надлежните институции заради зачувување на автентичниот изглед на староградската архитектура и културното наследство на градот.
„Во рамките на своите можности, Општината учествува во иницијативи, проекти и комуникација со сопствениците на објектите, со цел да се поттикне нивната санација и заштита“, велат од Општина Крушево.
Локалните власти велат дека се запознаени со предизвиците со кои се соочуваат дел од сопствениците на ваквите објекти, особено во делот на процедурите за реконструкција и законските обврски што произлегуваат од постојната регулатива.
„Обврската за ангажирање А-лиценцирани фирми и добивањето согласности од повеќе институции, често ја отежнува и ја продолжува постапката. Општината во повеќе наврати има иницирано разговори и укажува на потребата од поедноставување на процедурите и изнаоѓање практични решенија што ќе овозможат полесна санација на објектите, а притоа да не се наруши нивната културно-историска вредност. Секоја евентуална измена на законската регулатива е во надлежност на централните и ресорните институции, но Општината останува отворена за соработка и поддршка на иницијативи што ќе придонесат за подобрување на состојбата“, велат од Општина Крушево.
Староградската крушевска куќа е симбол на симбиозата на човекот со природата и природните материјали. Изградена е од камен, доградена со плетен плот и богато украсена со дрвени елементи на прозорците и на вратите, но и во внатрешноста на таваните, долапите, скалите, вратите и другата дрвенарија. Највпечатлив дел е тимпанонот, триаголната форма под секоја камена чатија, која воедно е и симболот, знакот, односно грбот на семејството што живее тука.
Крушевската куќа е препознаена како материјално културно наследство. Но, доколку државата не поведе поголема грижа за нејзина вистинска заштита, постои сериозен ризик ова наследство да се изгуби засекогаш.
*Мики Трајковски е новинар
**Лефкија Гажоска е граѓанска активистка од ФЕЕЛ Крушево
Оваа сторија е преземерна од Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.
