Мадуро бара имунитет и отфрлање на обвинението за трговија со дрога пред федералниот суд во Менхетен, тврдејќи дека како претседател на Венецуела не може да биде кривично гонет во САД и дека неговото заробување во американската воена операција во Каракас на 3 јануари било незаконско.
Во поднесокот до судијата Алвин Хелерстајн, адвокатот Бари Полак наведува дека меѓународното право им обезбедува имунитет на шефовите на суверени држави. Одбраната тврди и дека дејствијата што му се ставаат на товар на Мадуро биле преземени во рамките на неговата службена функција.
Мадуро претходно се нарече воен заробеник, а американската операција во која беше приведен ја опиша како киднапирање. Сепак, статусот на воен заробеник засега претставува тврдење на одбраната, а не правна квалификација утврдена од американскиот суд.
Најголемата пречка за неговата стратегија е ставот на Вашингтон, кој од 2019 година не го признава Мадуро како легитимен претседател на Венецуела. Американските судови во ваквите спорови најчесто се повикуваат на позицијата на извршната власт при одлучувањето дали одреден странски функционер има имунитет.
Одбраната возвраќа дека легитимноста што ја оспорува Вашингтон не го менува фактот дека венецуелските институции го сметале Мадуро за шеф на државата. Адвокатите укажуваат и на противречноста САД да соработуваат со Делси Родригез, која беше назначена од Мадуро, а истовремено да тврдат дека тој немал претседателски статус.
Правните преседани, сепак, не му одат во прилог. Во 1990 година американски суд го отфрли барањето за имунитет на поранешниот панамски лидер Мануел Нориега. Американските судови претходно утврдувале и дека обвинет може да биде суден дури и кога начинот на кој бил донесен во земјата се оспорува како незаконски.
Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес се во притвор во Бруклин и двајцата се изјаснија дека не се виновни. Американското обвинителство ги товари за учество во заговор за внесување големи количества кокаин во САД, обвиненија за кои може да добијат доживотни затворски казни. Флорес, исто така, побара отфрлање на обвинението повикувајќи се на суверен имунитет.
Обвинителството треба да одговори на барањето до 2 октомври, а судијата закажа расправа за 17 ноември. Доколку обвинението остане во сила, судењето треба да почне на 1 јуни 2027 година.

