Европската идеја не згаснува: Над 60 отсто од граѓаните се за членство на Македонија во ЕУ

Македонија

И покрај долгогодишните блокади, условувања и разочарувања од бавниот пристапен процес, повеќе од 60 проценти од испитаниците во Македонија и натаму го поддржуваат влезот на земјата во Европската Унија.

Ова го покажува најновото истражување на Европската комисија за перцепцијата на проширувањето меѓу граѓаните од Западен Балкан, Источното соседство и Турција.

Од Европската комисија оценуваат дека поддршката за пристапување кон Унијата останува силна во земјите кандидати и потенцијални кандидати, иако разликите меѓу државите се значителни.

Граѓаните, според наодите, поблиските врски со ЕУ најчесто ги поврзуваат со поголема безбедност, подобри економски можности и поквалитетна иднина за младите генерации.

Највисока поддршка за членство меѓу земјите од Западен Балкан е регистрирана во Албанија, каде што 92 проценти од испитаниците се за пристапување во ЕУ. На второто место е Косово со поддршка од 83 проценти.

Повеќе од 60 проценти од граѓаните во Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, исто така, се изјасниле во прилог на европското членство.

Најниска поддршка во регионот е забележана во Србија, каде што само 31 процент од испитаниците се за влез во Европската Унија.

Истражувањето покажува и дека во Црна Гора значително пораснал оптимизмот дека членството може да се случи во блиска иднина. Дури 62 проценти од испитаниците веруваат дека земјата ќе влезе во ЕУ во следните пет години, во споредба со 39 проценти во 2025 година.

Во земјите од Источното соседство, членството во ЕУ го поддржуваат 71 процент од испитаниците во Грузија, 65 проценти во Украина и 58 проценти во Молдавија.

Во Турција, 46 проценти од испитаниците изразиле поддршка за пристапување кон Унијата.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека анкетите покажуваат оти граѓаните јасно препознаваат што значат поблиските врски со Европската Унија во секојдневниот живот.

Според неа, тоа се посилен мир и безбедност, пошироки економски можности и подобри перспективи за идните генерации.

Анкетите биле спроведени преку директни интервјуа од февруари до април 2026 година. Во секоја од земјите биле опфатени околу 1.000 испитаници, додека во Турција примерокот изнесувал 2.400 лица.

Резултатите треба да ѝ помогнат на Европската комисија во планирањето на комуникацијата со граѓаните и во следењето на нивната перцепција за процесот на проширување.

За Македонија, податокот дека европската интеграција и натаму има поддршка од повеќе од половината граѓани доаѓа по години на политички застои, билатерални спорови и услови што го забавија почетокот на суштинските преговори.

Истражувањето покажува дека европската идеја во земјата не е исчезната, но и дека поддршката не е безусловна. Таа во голема мера зависи од тоа дали граѓаните ќе видат реален напредок, економска корист, функционални институции и јасна перспектива за членство

Најчитано