Два силни земјотреси во интервал од само шест минути го погодија подрачјето јужно од Крит, предизвикувајќи вознемиреност меѓу жителите и туристите и итна реакција на грчките служби.
Првиот потрес бил регистриран во 12:31 часот и имал магнитуда од 4,6, а шест минути подоцна следувал посилен земјотрес со магнитуда од 5,3.
Епицентрите биле лоцирани на околу пет до шест километри источно од островот Гавдос, во морето јужно од Крит. Првиот потрес бил на длабочина од 13,4 километри, а вториот на околу десет километри.
Земјотресите биле почувствувани во голем дел од Крит, вклучително и во Ханија, Ретимно и Ираклион.
Посебно внимание било насочено кон Самариската клисура, една од најпосетуваните туристички атракции на островот, каде во моментот на потресите се наоѓале 566 посетители.
Клисурата веднаш била превентивно затворена поради опасност од одрони и лизгање на земјиштето. Околу 100 посетители, кои стигнале до шестиот километар од патеката, биле вратени назад, додека останатите биле насочени кон јужниот излез со помош на вработените во националниот парк.
Пожарникарите и полицијата започнале превентивни патроли на Гавдос и во јужните делови на Крит, особено во областите Ханија, Ретимно и Ираклион.
Засега нема информации за повредени лица или за посериозна материјална штета. Градоначалничката на Гавдос, Лилијан Стефанаки, соопштила дека била забележана само помала свлечишна појава во близина на областа Потамос.
Сеизмологот Герасимос Пападопулос предупреди дека е рано да се утврди дали посилниот потрес бил главниот земјотрес или може да следува нова сеизмичка активност.
Тој посочи дека подрачјето се наоѓа во централниот дел на грчкиот сеизмички лак, област со значителен сеизмички потенцијал.
Грчките служби продолжуваат да ја следат состојбата, а граѓаните и туристите се повикани да ги почитуваат насоките на локалните власти и да избегнуваат клисури, стрмни падини и места со опасност од одрони.
