Сончево и топло време ќе се задржи и утре, а од понеделник Македонија влегува во период на променлива облачност, дожд, грмежи и локално невреме, најавува Управата за хидрометеоролошки работи.
Во претпладневните часови утре ќе преовладува сончево време, додека попладне во северозападните делови ќе има услови за ретки грмежи.
Максималните дневни температури ќе се движат од 29 до 38 степени, со умерен ветер претежно од северен правец.
Промената на времето се очекува од понеделник, кога ќе започне период на променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд.
Пообилни врнежи се прогнозираат во вторник и среда, кога на одредени места може да наврнат повеќе од 15 литри дожд на квадратен метар.
Локално се можни краткотрајни невремиња проследени со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и појава на град.
Од УХМР препорачуваат внимателно следење на предупредувањата, особено во попладневните часови кога условите за развој на нестабилна облачност ќе бидат најизразени.
