Новинарката Лепа Џундева реагираше на значителното зголемување на сумата што пациентите ја плаќаат за лекот „Фостер“, кој се користи во терапијата на астма и хронична опструктивна белодробна болест.
Според нејзината објава, со новиот шифрарник на лекови, кој се применува од 18 јуни, доплатата за „Фостер“ се зголемила од околу 300 на 1.080 денари. Повисоката сума се плаќа и со лекарски рецепт и приложен специјалистички извештај.
„Фостер“ е комбиниран инхалатор што ги содржи активните супстанции формотерол и беклометазон и се пропишува за контрола на хронични белодробни заболувања.
Џундева прашува што ќе се случи со пациентите кои зависат од оваа терапија, но нема да можат секој месец да го поднесат новиот трошок.
Таа предупредува на опасноста дел од пациентите самостојно да ја намалуваат дозата, да ја прекинуваат терапијата или да чекаат нивната здравствена состојба да се влоши пред да побараат медицинска помош.
„Кај хроничните белодробни заболувања терапијата не е луксуз, ниту суплемент, туку неопходност. Правото на нормално дишење не смее да се претвори во привилегија“, напиша Џундева.
Засега нема јавно објавено образложение од надлежните институции зошто се зголемила сумата што ја плаќаат пациентите и дали се планира решение за лицата што не можат да си ја дозволат терапијата.
