Магијата Р10 повторно во Италија: Роналдињо на 46 години се приклучува на Равена

Легендарниот бразилски фудбалер Роналдињо повторно се враќа во италијанскиот фудбал, повеќе од една деценија по последниот професионален настап.

Поранешниот освојувач на „Златната топка“ постигна договор со Равена, клуб кој се натпреварува во третата италијанска лига, Серија Ц.

Потпретседателот на клубот Ариедо Браида потврди дека 46-годишниот Бразилец ќе биде официјално регистриран како член на Равена.

Сепак, засега не е целосно познато дали Роналдињо навистина ќе настапува на официјални натпревари или неговата улога првенствено ќе биде маркетиншка и промотивна.

„Ќе игра ли? Ќе видиме, но тоа не е исклучено. Тој е шампион и фудбалер без возраст“, изјави Браида.

Според италијанските медиуми, можно е Роналдињо да одигра само неколку минути или еден натпревар, додека неговото присуство треба да му донесе на клубот огромно медиумско внимание и да помогне во развојот на проектот на сопственикот Инацио Чипријани.

Официјалното претставување е закажано за 23 јуни во Мајами, каде треба да бидат соопштени деталите од договорот и точната улога на бразилската легенда.

„Нови бои, иста насмевка. Едвај чекам повторно да танцувам со топката и да напишам нова приказна со Инацио и семејството Чипријани“, порача Роналдињо.

Бразилецот последен пат настапуваше професионално во 2015 година за Флуминенсе, а официјално го објави повлекувањето од фудбалот во 2018 година.

Во Италија претходно го носеше дресот на Милан, со кој го освои италијанското првенство, додека најголемите успеси во клупската кариера ги постигна во Барселона.

Роналдињо ја освои „Златната топка“ во 2005 година, двапати беше прогласен за најдобар фудбалер во светот, а со Бразил стана светски шампион во 2002 година.

Неговото приклучување кон Равена веќе предизвика огромен интерес, но конечниот одговор на прашањето дали фудбалските љубители повторно ќе ја видат магијата на Р10 на официјален натпревар ќе биде познат по презентацијата во Мајами.

Најчитано